Фотографскиот опус на браќата Јанаки и Милтон Манаки е сестран и полифон во смисла на опфаќањето различни наративи и заедници во богатата и густа мултикултурна балканска демографска структура. Најзастапени се поединечните и групните портрети, фотографии кои сведочат за социјални слоеви, етнографски аспекти, но и обичаи и секојдневен живот на население од различни етнички заедници.

Деновиве во Битола, фотографии на браќата Манаки повторно сведочат за модните достигнувања во градот од крајот на 19 век и почетокот на 20 век, период за кој се тврди дека е голема пресвртница во однос на модните достигнувања.

Според универзитетскиот професор Владимир Јаневски, во преодот од 19 во 20 век, се напушта старата традиционална облековна култура наречена ала турка и се заменува со нова културна творевина наречена ала франга.

– Во таа голема модна пресвртница се појавува и нов занаетчиски еснаф френк терзии, најголем дел од новите занаетчии биле веќе добропознатите терзии срмаџии што ја изработувале старата носија ала турка. Поновата носија ала франга добила нов стилски изглед, нова форма и естетика. Се променил кројот, во голема мера материјалите, но исто така и позамантериските материјали, вели Јаневски.

Изложбата „Истокот и Западот, битолската мода низ објективот на Манаки“ организирана од битолското одделение на Државниот архив и НУ Центар за култура, деновиве објавија ретки фотографии на кои може да се видат жена со крзно од 1898 година, Ицо ковачот со сопругата фотографирани во 1916 година, битолчанка со староградска носија од 1914 година, учителка од тогашната Романска гимназија во Битола, односно од периодот 1898-1912 година, учителките Александра Шунда и Катерина Н., брачна двојка од 1907 година и други.

– Мажите во целост ја прифатиле европската мода, во која биле носени црни панталони, фракови и полуфракови, бели кошули со вратоврска, а на главата се носеле шапки жирардо, бомбе, полуцилиндер и цилиндер. Женската носија имала по голем опус и облековни делови, но главно впечатлив бил дводелниот фустан со назив полка и фустан, како горни облеки се носеле: салта, серте, пелерина, џубе – полка. Во долниот дел од фустанот жените носеле здолништа наречени тафти што давале специфичен изглед на целокупниот естески изглед. Косата жените ја носеле на соодветен локален начин средена и фризирана, но посебно била модерна фризурата буфанто што се носела во тој период. Главата се покривала со шапки или поголеми капи наречени капели. Сите овие новини во модните случувања морале секогаш да бидат придружени со приказ на социјалната градска средина, но овековечувањето на истите морало да биде исто придружено со една нова технологија, а тоа е фотографијата. Во тој дел несомнено најголемо место заземаат браќата Јанаки и Милтон Манаки, појасни професорот Јаневски.

Како што е познато и повеќе пати констатирано, Милтон Манаки заедно со неговиот постар брат Јанаки Манаки ги поставил темелите на балканската фотографија и кинематографија, започнувајќи со дејност на крајот на 19 век. Нивната дејност била предмет на многубројни студии од областа на културата, уметноста и историјата во Европа и светот. Најголем дел од нивното творештво денес се чува во Државниот архив – Одделение Битола, а публиката може да ги види и фотографиите на Вана Налбанти во свечена облека, група учителки од 1905 година, сопругата на книжарот Османли од 1904 година, фотографија од фамилијата Кајрети и други во градска носија.

Благодарение на објективот на браќата Манаки, на крајот на 19, почетокот на 20 век, овековечени се бурните времиња што ги живееше градот и кога е на крстопат помеѓу несигурна, но и возбудлива иднина синтетизирајќи ги елементите на стариот свет и европскиот прогрес и благосостојба во новото време (La Belle Époque).

Фотографскиот опус на Манаки, селектиран од Димитар Ѓорѓиевски и Гоце Стојановски, дава исклучителна можност да ѕирнеме во секојдневието на битолчани, но и свечените пригоди што ги имало во овој сѐ уште значаен културно-трговски центар на Балканот.

Марјан Танушевски за МИА