Поранешниот сопруг на новиот француски премиер Габриел Атал, ќе ја преземе функцијата министер за надворешни работи на земјата, објавија западните медиуми.
На местото на Катрин Колона беше назначен Стефан Сежурн (на фотографијата).
„По препорака на премиерот бев именуван за министер за Европа и надворешни работи од претседателот на Републиката. Многу ја ценам честа што ми е укажана. Таа е огромна. Ќе се трудам да му го пренесам на светот уникатниот глас на нашата земја“, најави Сежурн.
38-годишниот Французин е најмладиот министер за надворешни работи во земјата. Пред тоа беше генерален секретар на партијата Ренесанса на Емануел Макрон, а неодамна беше европратеник и лидер на политичката група „Обнови ја Европа“ во Европскиот парламент.
Самиот Сежурне одби да ја коментира врската со Атал за француските медиуми. Сепак, неколку публикации открија дека партнерите се разделиле, но самите политичари не го потврдија тоа. Познато е дека двајцата се венчале во 2019 година, но извори блиски до новиот премиер тврдат дека тие се раделени веќе 2 години. Во прилог на оваа теза е и информацијата дека во нивните изјави до Врховниот орган за транспарентност на јавниот живот, и Сежурне и Атал не ја декларирале професијата на партнерот, нешто што го правеле во претходните години.
Политичката острина што му се припишува на новиот министер ќе биде ставена на тест, бидејќи од неговиот избор во 2017 година, Емануел Макрон продолжува да го намалува влијанието на Министерството за надворешни работи, објавија француските медиуми. Додаваат дека сите дипломатски одлуки ги носи шефот на државата, што не било случај кај неговите претходници. Сепак, најголемото изненадување во промените во кабинетот беше името на новата министерка за култура – конзервативката Рашида Дати, која е блиска соработничка на поранешниот претседател Никола Саркози. Дати е поранешна министерка за правда со силен глас на политичката сцена и нејзиното име е многу препознатливо во Франција. Аналитичарите велат дека нејзиното назначување дополнително ќе ги ослаби конзервативните противници на Макрон и исто така ја сигнализира неговата желба да донесе дополнително политичко искуство во неговиот кабинет.