Македонска бизнис делегација ќе учествува на 7. Самит и бизнис форум на шефовите на влади на Кина и 16. земји од Централна и Источна Европа (ЦИЕ), што ќе се одржи утре во Софија.
Домаќин на 7. средба на шефовите на влади на Кина и ЦИЕ е Република Бугарија, а организатори се Министерството за економија на Бугарија, Бугарската агенција за промоција на мали и средни претпријатија (БСМЕПА) и Деловниот совет Кина (СЕЕС).
– Интересот на компаниите од сите сектори за учество на годинашниот Самит е голем. Веруваме дека ќе ги надминеме успесите од минатата година во Будимпешта, вели Данела Арсовска, претседател на ССК, во пресрет на Самитот.
Сојузот на стопанските комори на Македонија (ССК) е потписник на единствениот Договор на Балканот за економска соработка со Кина, што, според ССК, за македонските компании отвора пат за директен пристап на најголемиот азиски пазар.
ССК информира дека во рамки на Самитот ќе се одржи Деловен форум што ќе стави акцент на високите технологии, инвестициите, индустриското партнерство, заедничкото вложување, инфраструктурата (транспортна и патна, енергетика), земјоделството и туризмот.
Бизнис делегација на ССК ќе има посебна презентација на проект за кинеските инвеститори кои планираат влез на европскиот пазар.
Статистиката покажува дека во 2017 и во 2016 година Кина била седми трговски партнер на Македонија. Вкупната трговска размена изнесувала 506 милиони американски долари. Остварен е извоз од 62,2 милиона, а увоз од 444 милиони долари. Во 2016 година размената достигнала 469 милиони долари со остварен извоз од 47,8 милиони и 421,2 милиона долари увоз.