И покрај сложената ситуација поради распространувањето на вирусот Kовид-19 и затворените граници меѓу државите, во знак на големото пријателство меѓу нашиот и грчкиот народ и оваа година, за радост и поткрепа на христијанските верници, во земјава пристигна светиот оган, познат и како благодатен оган.
За благодатниот оган се верува верува дека секоја година на Велика Сабота самиот се пали во Светиот Гроб на Господ Исус Христос во Ерусалим.
Благодатниот оган пристигна во нашата земја од соседна Грција, од аеродромот во Атина.
Според информациите што ги доби МИА огнот е донесен авион од приватната грчка авиокомпанија Epsilon Aviation, по претходен договор меѓу властите на Македонија и на Грција. Најголемиот дел од трошоците за летот ги покри Горан Трипуноски од Кичево.
На аеродромот во Скопје светиот оган беше дочекан од претставници на Владата и потоа предаден на Црквата.
Преземањето на светиот оган од Ерусалим се случува секоја година на Велика Сабота и повеќето православни држави, како на пример, Грција, Русија, Украина, Бугарија, Грузија, Романија и други, го прават со владини почести.
Во Македонија светиот оган прв пат пристигна на Велигден во 2009 година, во организација на игуменот на Бигорскиот манастир, архимандрит Партениј, а тогаш преку пријатели од Грчката Црква беше преземен од Солун.
Девет години по ред бигорското братство го носеше Благодатниот Оган во Македонија, а во последните две беше носен на државно ниво преку Бугарија. Оваа година по светиот оган во Ерусалим полетаа државни авиони од Грција, Романија, Грузија, Русија и Украина.
Носењето на огнот се смета за голем благослов. Оваа година светиот оган се симна во Господовиот Гроб околу пладне, според месното сметање на времето.
-Ѝ се заблагодаруваме на грчката држава што ни овозможи, во овие тешки околности за целиот свет, да го примиме благословот на благодатниот оган од Ерусалим. Тоа за нас е духовна поткрепа и голема радост во навечерието на празникот на Христовото воскресение. Христос воскресе!, изјави Агатон кој е претставник на архиепископот, господин господин Стефан.