Во  југозападниот бугарски град Благоевград денеска се избира градоначалник. Пред една недела на 27 јуни Илко Стојанов, од партијата „Има таков народ“ на шоуменот и ТВ водител, Слави Трифонов, доби најмногу гласови во првиот круг од изборите за градоначалник на Благоевград, јави дописникот на МИА од Софија.

Стојанов денеска ќе се натпреварува со инженер Румен Томов кого судот го смени од функцијата поради конфликт на интереси, односно незатворањето на неговата компанија. Томов на изборите учествува како независен кандидат, поддржан од бугарските социјалисти, и во првиот круг собра 28,65 отсто или 5.200 гласови, додека неговиот противкандидат во вториот круг, Стојанов, има 6.400 гласови или 35,32 проценти.

Ваквата мала разлика од 1.200 гласа од првиот круг, изборите за градоначалник во Благоевград ги прави докрај неизвесни.

На дополнителните избори во Благоевград имаше седум кандидати за градоначалник. Првиот круг од изборите се одржаа во изненадувачки многу мала излезност од 27,76 отсто или гласаа само 18,182 лица.

Ова беа првите избори со целосно машонско гласање во Бугарија.

Изборите ќе го покажат реалното расположение една недела пред предвремените парламентарни избори, закажани за 11 јули во Бугарија.