Од лично искуство, и со конкретни примери :

Како „шарената револуција“ стана „штавена револуција“? (4)

Многу книги се  уништени, и многу луѓе изгорени!

Пишува: Блаже МИНЕВСКИ

Во хајката против мене, водена пред четири години, во времето кога мислеа дека го фатиле Горниот за брада, па дури и малку подолу, се јави и еден призрак присутен во културните случувања веќе триесет и згора години. Никогаш ништо конкретно во оваа област ниту направил ниту постигнал,  а секогаш солел памет за некаква културна политика од аспект на  културолошки палјачо и дустабанлија. Бидејќи пишува хаотично, како што мисли, овде ќе цитирам само еден мал, колку-толку разбирлив дел од текстот: И бидејќи неизбежно, и постојано, се спомнува т.н. „Шарена револуција― и (апсолутно исправниот!) однос на младите (барем во Скопје) кон грозотиите што полуписмениве бандити ни ги оставаат во градот, (уште) една паралела во однос на памфлетистон кој толку години глумел писател, за да конечно видиме кој е и што е‘. Тој, имено, во неговиот епохално ретардиран текст постојано хистеризира за некакво наводно уништување на спомениците низ Скопје, дека се „напаѓаат темелите на македонската историја и култура, македонскиот национален идентитет―, итн., итн.! И можеби газдите му беа задоволни, ама тој си доби соодветен третман низ социјалните мрежи, но и еден жежок шамар во текстот на младата… ( спомнува име на една женска персона),  која сите негови „тези― ситно ги исечка токму како за во македонска салата. И на тоа јас немам што да додадам…“

Текстот што заудара на постпродукција на струмички боб е преземен од агитпроповската брошура со наслов „Што е шарената револиција?“, издадена од некаква „Нова линија“ од Скопје во време кога призракот стана некаков заумен советник на Министерот за култура.  Револуцијата за него и за мал дел од шарените донесе конкретен резултат и финансиска сатифакција, ама кај да е наскоро, и тие што сѐ уште не се, ќе станат дел од  оние што станаа лушпи од врба па сега од нив не може да се направи ни свирче. Да беше некој Росбеспјер,  како што се замислува делејќи совети за развој на општеството, еден молозвучен ден можеби ќе завршеше со вресок полн со агонија. Што се однесува до личните навреди дека сум ретардиран памфлетист – ќе поднесам апликација до судот на иднината со молба да му пуштат доволно густа течност  во базенот за да плива грбно како специфичен  бубмар во природна средина!

            На крајот и за горецитираната што божем  моите тези ситно ги исечкала токму како за во македонска салата! Еве што напиша односната меѓудругото во својот текст објавен  на 16 мај 2016 година: „Сите тези во гореспоменатиот текст на Блаже Миневски почиваат на ситуации кои авторот или воопшто не ги разбира или намерно ги извртува. Првата е постојаната употреба на поимот „уништува“ (споменици) место точниот и прецизен збор „бои (или варијантите: „обојува“, „фрла бои врз“)“, што е, всушност, она што се случува последниов месец во Македонија.“ ( Драг сецко, да обојуваш нешто е креација,  да фрлаш боја е уништување! Дали ти ја боиш косата, ако ја боиш, или фрлаш боја врз главата?) Освен тоа, што беше она што се случи со канцеларијата на претседателот на државата? Во твојот текст нема ниту збор за искршената канцеларија на Иванов. Ниту збор за десетиците повредени полицајци! Ниту збор за парите што подоцна ќе  ги плати народот за да се избрши поганијата што ја оставаа зад себе оние што не ѝ сакаа добро на  Македонија. Наместо тоа, „младата интелектуалка“, прогласана за сечкалка на салата, продолжува со тоа дека во мојот текст „едно од најголемите извртувања претставува фактот што сее страв врз основа на настан во Македонија што воопшто не се случил: уништување на книги – нешто што е дури и ставено во насловот, во кој оградувањето со прашалник малку помага. ( Дали тоа значи дека требало „да сее страв“ откако ќе се случи?!)  При крајот на вториот пасус, авторот вели дека ’веќе следната недела, кога ќе заврши уништувањето на главните белези на македонската држава и државност, би можеле на ред да дојдат книгите, како еден од најважните преостанати темели на еден народ!’ Со тоа, авторот, од една страна, се обидува да се огради од она што го тврди, бидејќи не тврди дека веќе почнало уништување на книги, туку го дава само како претпоставка, а од друга страна не нуди ниту еден аргумент за тоа од каде го црпи оправдувањето да ја изнесе оваа претпоставка, којашто е целосно неаргументирана… “   Понатаму во текстот таа вели: „Палењето книги во 1933 година во Германија е апсолутно неспоредливо со боењето на спомениците во 2016 година во Македонија од огромен број причини. Првата е секако тоа што палењето го изведувале, како што вели авторот, студенти, „заборавајќи“ да истакне дека тие биле поддржани и охрабрени од оние кои ја имале власта во свои раце, кај кои се наоѓала државната апаратура, односно сите средства на моќ (така вели историјата што сме ја учеле изминативе децении, како и новите документарни емисии) – а во којшто случај, станува збор за терор и деспотизам.“

Во случајот со Македонија, ситуацијата беше обратна – на власт беше   коалиција избрана на демократски избори а оние што уништуваа сакаа да  ја сменат со насилство, па во таа насока беа сменети и позициите на Паул фон Хинденбург и Адолф Хитлер, кој една година подоцна се прогласи себеси за фирер. Во наш контекст, истиот тој човек, по сѐ што ѝ направи на Македонија, сега се обидува да добие и вториот мандат за да ја внесе Македонија  демек „во обединета Европа“ но без Македонците како народ и без македонскиот јазик како македонски јазик. Според тоа, како можеше тогаш власта да го уништува она што го изградила, обновила или објавила. Во Македонија тогаш на власт беше легална, патриотска гарнитура, а оние што уништувааа со лаги, подметнувања и пропаганда беа опозиција финансирана од центрите што работат на уништување на Македонија и македонскиот народ, како што еден друг лик 85 години пред тоа сакаше да уништи еден друг народ. Денес, четири години подоцна, може да се види кој уништувал а кој се обидувал да го врати, обнови и зацврсти достоинството на нашиот народ. Да биде горд, и да биде свој. По потпишувањето на погубните  договори, и по преправањето на учебниците, ако им биде овозможено, историјата што сме ја учеле изминативе децении, како и новите документарни емисии, ќе зборуваат само во име и од име  на оние што сакаат да не постоиме.

Затоа овде на младата персона, именувана како „сецко“ од нејзе блиска „револуционерна“ сподоба во контура, може да ѝ се одговори со нејзините зборови дека „воведување диктатура со палење книги, од една страна (Германија 1933 година), и протест против корупција со фрлање боја на споменици што се симбол на таа корупција, од друга страна (Македонија 2016 година)  не „се две целосно спротивни“  туку  две сосема идентични ситуации.  Во тој контекст, „уништувањето книги премногу потсетува на фашизмот, што е токму идеологијата против која се протестира во „Шарената револуција“, така што од она што досега го видовме, нема основа да се случи такво апокалиптично сценарио со уништување книги.“  А дали е навистина така? По само 40-на месеци диктатура, или рекетура, сеедно, денес може целосно да се потврди дека „шарената револуција“ всушност донесе на власт,  ако не друго,  тогаш барем квислинзи, кои во име на други потпишаа три договори и целосно ја понижија Македонија, стигнувајќи до плочките на спомениците и до мувлата на книгите.  Еве, бидејќи сега нема обврска кон шарените, затоа што тие во меѓувреме станаа штавени, односната сама може да провери каде и како завршија едициите Нобеловци, Ѕвездите на  светската книжевност, сто и триесетте тома македонска книжевност на македонски, англиски, шпански, кинески, руски, француски, германски… Ќе види дека сум бил сосема во право дека на ред за уништување ќе дојдат и книгите. Доколку не верува ќе може да се увери самата ако побара помош лично од оној што „воопшто не ги разбира или намерно ги извртува ситуациите“ поврзани со хулиганството на тогашните „шарени рептили“ кои беа претходница на геноцидниот проект  што го парчоса македонскиот идентитет. Особено што таа во текстот вели дека „ секогаш ќе бидам најголем противник на иницијатива за уништување книги, доколку некој поединец и потегне таква иницијатива, без разлика од кого потекнува или кон кои книги биде насочена“. Ајде, биди! Веќе три години  има целосна забрана овие капитални книги да се појават во јавноста а забрането е и да се продаваат на Саемот на книгата! А  по книгите, како што напишал Хајнрих Хајне, ќе се уништуваат луѓе: „Онаму каде што палат книги, наскоро ќе горат и луѓе‘!  Колку луѓе настрадаа за овие три-четири години? Десетици македонски патриоти со години гнијат во северџанските затвори затоа што ја сакаа својата држава безгранично и безусловна за разлика од оние што ја предадоа и уништија!

Во текстот таа тврди дека фарбањето или уништувањето на спомениците и институциите било „протест против корупција со фрлање боја на споменици што се симбол на таа корупција“. Ако е така зошто сега не фрлаат по Зоран Заев како светски симбол за корупција, директно посочен од негов соработник осуден на 9- годишна казна за рекетирање?  Еве дел од текстот па нека и се смеат сега оние што ќе го читаат: „Во текстот се вели дека сквернавењето на Порта Македонија „метафорички претставува уништување на трајните белези на државноста“. Од друга страна, „заборава“ да објасни дека, метафорички, фрлањето боја на Порта Македонија и другите споменици и институции, всушност, претставува револт против неправдата која, меѓу другото, се состои од следново: да не смее дури ни да се покрене судска постапка против лица осомничени за тешки кривични дела. ( Можеби мисли на Зоран и на Вице Заев?! За однапред!) Овој факт е целосно прикриен во текстот, што претставува тешко извртување на вистината за тоа што е мотивацијата за фрлање боја врз спомениците и институциите. Со други зборови, и во овој текст, но и во многу други, целосно изостанува контекстот што довел до протести, а тоа е: содржината на прислушуваните разговори и аболицијата. (Можеојните аболиции на Зоран Заев? Или на пратениците ослободени само за да гласаат за смена на името на Македонија?) Целосното игнорирање на овој контекст и развивање тези за протестите без да се објасни тој контекст претставуваат (намерна или ненамерна, сеедно) манипулација со фактите, и ги прави целосно бесмислени и исполнети со празни зборови изјавите како „уништување на трајните белези на државноста“ или „антимакедонска револуција“, чија неаргументирантираност и апсурдност доаѓа до израз кога таквите изјави ќе се соочат со фактичкиот општествен контекст“. Каков е сега општествениот контекст? Јавна обвинителка обвинета за рекет! Изрекетирани пари за кои од судница беше кажано каде треба да се бараат! Двојазична, обезличена држава во која доминантен народ е малцинство што функционира со закани и уцени! Избришани сите институции со македонски национален предзнак! Нема Македонска опера, нема Македонска филхармонија, нема Македонски пошти, нема македонско државјанство, нема македонска книжевност, нема македонски јазик туку јазик „според уставот на Северџанија“, нема македонски народ туку штавени граѓани на Република Штавена Македонија…!

Што да се каже уште, освен на здравје штавењето!

Пругастошарено!

Па на кој што ќе му падне!

Согласно заслугите и потребите!

 

(крај)