Една од 24-те теми за дискусии во рамките на Бледскиот стратегиски форум, кој започна денеска во Словенија, ќе биде состојбата на Балканот.

Европскиот фонд за Балканот и Бледскиот форум заедно ја организираат дискусијата која ќе биде посветена на загубените години и новата надеж за Западниот Балкан.

– Пред пет години беше доволна една реченица од претседателот на Европската комисија за да се разбудат сомнежи и страв за политиката на проширување на Европската унија кон Западниот Балкан. По неколку години несигурност, повторно една реченица од истиот претседател беше доволна да заживее надежта и ентузијазмот во овој регион, кој во минатото многу повеќе вложуваше во надворешниот изглед отколку во внатрешните реформи, пишува во најавата на панелот.

Во неа се потсетува на изјавата на Жан Клод Јункер од 2014 година во која тој го исклучи проширувањето на ЕУ во рамките на неговиот мандат.