Македонија и годинава нема свој универзитет на Шангајската листа, како што имаат Грција, Хрватска, Словенија и Србија која има два рангирани универзитети.
Харвард и годинава ја предводи листата на најдобри универзитети во светот, позната како Шангајска листа. По него следуваат Стенфорд, Кембриџ, МИТ, Беркли, Принстон, Оксфорд, Колумбија, Калифорнискиот институт за технологија и Универзитетот во Чикаго, кој е на десетата позиција.
Првите десет позиции се речиси непроменети во однос на претходните години.Што се однесува на регионот, годинава најдобро рангирани се Универзитетот во Загреб и Универзитетот во Белград, кои се најдоа во групата меѓу 401 и 500 место. Универзитетот во Љубљана е во групата меѓу 501 и 600 место, а Универзитетот во Нови Сад, како и минатата година е во групата меѓу 901 и 1000 место.
И оваа година на листата нема македонски Универзитет, а ниту Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора немаат свој претставник меѓу илјадата најдобри високообразовни институции во светот.
Универзитетот во Атина е меѓу 300 и 400 место, а во Софија меѓу 900 и 1000 позиција.Шангајската листа што секоја година ја објавува универзитетот Циао Тонг од Шангај е една од највлијателните листи која ги рангира најдобрите универзитети во светот. Тоа е неформална листа, но работа на престиж е да се биде на тој список, бидејќи опфаќа само два отсто од светските универзитети.
Клучни критериуми за рангирање на универзитетите, меѓу другото, се бројот на објавени научни трудови во меѓународни списанија, бројот на добитници на Нобелови награди и Филдсови медали кои студирале на универзитетот или работат таму, бројот на научни трудови објавени во списанијата Сајнс и Нејч, како и цитираност на истражувачите.