Украинскиот претседател Володимир Зеленски се сретна со американскиот државен секретар Ентони Блинкен и американскиот секретар за одбрана Лојд Остин во Киев, соопшти неговата администрација.
Тоа е прва средба меѓу Зеленски и американски претставници од почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари.
„Денес, украинскиот народ е обединет и силен, а украинско-американското пријателство и партнерство се посилни од кога било! напиша доцна синоќа Зеленски на Твитер.
По средбата, Блинкен и Остин објавија дека Вашингтон ќе обезбеди 713 милиони американски долари дополнително воено финансирање за Украина и 15 други европски земји.
Според соопштението, повеќе од 322 милиони долари од овие средства ќе и бидат доделени на Украина, а остатокот ќе биде распределен меѓу земјите од Централна и Источна Европа.
Претходно, помошникот на претседателот Алексеј Арестович, говорејќи во интервју на Јутјуб, потврди дека средбата продолжува.
Арестович го повтори повикот на Украина за офанзивно оружје, „бидејќи сè додека нема офанзиви, секој ден ќе има нова Буча“, додаде тој, мислејќи на градот каде што претставниците на ОН рекоа дека ги документирале незаконските убиства на околу 50 цивили.
– Тие немаше да дојдат овде ако не беа подготвени да дадат (оружје), изјави тој за високи американски претставници кои се во посета на Украина.
Во саботата, Зеленски рече дека е благодарен за досегашната помош на Вашингтон за Украина, иако сака да употреби потешко и помоќно оружје против руските сили.