Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, денеска ја бранеше одлуката за одложување на испораката на 3.500 бомби на Израел поради загриженоста дека тие ќе бидат користени во напад врз градот Рафа во јужна Газа, велејќи дека Израел нема убедлив план за заштита на 1,4 милиони цивили кои се засолниле таму.

Зборувајќи за „Еј-би-си њуз“, Блинкен рече дека Џо Бајден останува посветен да му помогне на Израел да се одбрани и дека испораката на 3.500 бомби со тежина од 900 и 230 килограми е единствениот американски пакет со оружје што е задржан.

„Бајден јасно стави до знаење дека ако Израел „покрене голема операција во Рафа, тогаш постојат одредени системи што нема да ги поддржиме и да ги снабдуваме за таа операција“, рече Блинкен.

„Навистина сме загрижени за начинот на кој тие се користат“, продолжи тој. Израел мора да „има јасен, убедлив план за заштита на цивилите, што сè уште не сме го виделе“.

1,4 милиони Палестинци се засолниле во Рафа, од кои многумина беа раселени од другите делови на Газа каде што побегнаа од борбите и израелските бомбардирања, поради големиот недостиг на храна и вода.

Најмалку 35.000 Палестинци се убиени во израелската воена операција во Газа, според Министерството за здравство на енклавата.

Војната почна со напад на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври, во кој според израелските податоци загинаа околу 1.200 луѓе, а 250 беа киднапирани. Израел тврди дека во борбите загинале 620 војници.