Специјалното јавно обвинителство има многу важна улога во напорите во вашата земја за враќање на довербата во независното судство, во барањето одговорност за криминалите во минатото и во борбата против корупцијата, изјави денеска вршителката на должноста амбасадор на САД во Република Македонија, Микаела Швајзер Блум.
– САД сметаат дека е многу важно ингеренциите и независноста на СЈО да бидат задржани и во иднина. Борбата против корупцијата и злоупотребата на службената положба да продолжи, а одговорноста да биде почитувана. Граѓаните на Северна Македонија заслужуваат да имаат канцеларија што ќе ја врати нивната верба во судството и владеењето на правото, истакна Швајзер Блум.
Во однос на преговорите што се во тек, посочи дека сите треба да имаат на ум дека е многу важно за секој граѓанин да има доверба во институциите и да верува во независна и еднаква правда.
– Верувам дека независен специјален јавен обвинител во рамки на јавното обвинителство е дефинитивно многу важен дел за исполнување на ваквите очекувања, истакна Швајзер Блум.
Прашана дали тоа значи дека го поддржува сегашниот предлог закон за СЈО, Швајзер Блум, рече дека силно верува и оти искуствата од останатите држави покажале, дека независна канцеларија на СЈО со можност до крај да ги заврши процесите е важна за враќање на владеењето на правото и независно судство.