Се уште трае процедурата за избор на консултантска куќа за надзор на изградбата на дополнителни коловозни ленти и реконструкција на автопатот Тетово – Гостивар. Откако есента во 2022 година беше поништен изборот поради недоставена банкарска гаранција, сега процесот е во жалбена постапка, соопшти министерот за транспорт и врски Благој Бочварски од тетовско Желино, кога ќе почне најавена реконструкција и проширување на делницата помеѓу Тетово и Гостивар.
Освен за Тетово – Гостивар, избраната компанија ќе соработува со изведувачот и за другите делници по Гостивар се до Ќафасан, како и Прилеп – Битола.
-Во Јавното претријатие за државни патишта во тек е постапка за избор на консултант и надзорен орган кој што ќе ја следи работата на изградбата во целиот период на овие автопатишта. Во тек е жалбена постапка која има строго утврдени рокови, по завршување на овие рокови, нашите очекувања се дека во тек на јануари ќе имаме веќе завршен избор со завршени жалбени постапки на консултантска компанија и веднаш таа компанија ќе влезе во преговори со компанијата „Бехтел“ за сите останати детали, рокови, динамични планови, цени на изведба на овие делници, зошто доколку е успешен тој договор ќе се случи договор со компанијата „Бехтел“. Сметам дека сме на самиот крај за избор на консултантска компанија во јануари за потоа да се оди понатаму, изјави Бочварски.
Во регионот, според Бочварски, за обиколница за Тетово од кај Требош кон Непроштено постпката за проектот е кон самиот крај.
-И очекувам оваа година да се распише тендерска постапка.Таму има две фази на проектирање на оваа делница и очекувам да биде распишана постапка за избор на компанија која што ќе влезе во реализација на овој многу значен проект за Тетово и за целиот регион со што ќе го растоварат целиот регион и ќе даде шанса за побрз развој, рече Бочварски.
На новинарско прашање дали ќе има и излез на другата страна од автопатот кон Технолошко-индустриско развојната зона, Бочварски рече дека предвидена е клучка.-Предвидени се сите елементи кои се потребни и дозволени согласно законот и правилниците на државата за да има доволно дистанца и растојание, да може безбедно да фунцкионира кога ќе биде изградено, како проекти и како објект, потенцира министерот.
Бочварски повтори дека годинава ќе се реализираат преку 110 километри автопатишта со градење на делниците Тетово-Гостивар, Гостивар-Кичево, Требеништа-Струга-Ќафасан и Прилеп-Битола.
За патот Тетово-Призрен потребна е добра анализа и прецизна координација на двете држави
Патот Тетово – Призрен е интерес е на двете држави, рече министерот Благој Бочварски, оценувајќи дека темелната соработка со Косово ќе резултира со изградба на оваа патна делница која е дел од владината програма за капитални инвестиции.
Тој, одговорајќи на новинарско прашање зошто повеќе години трае процедурата за изработка на документација, посочи дека за реализација на еден таков крупен проект е потребна добра анализа.
-Потребна е добра физибилити студија, идејни проекти, избор на најповолна траса, кога зборувам најповолна тоа значи најпогодна и финансиски оправдана и на крајот завршување на проектна документација, изнаоѓање на финансиски средства и потоа распишување на повик. Секако во овој случај имаме уште еден тип на координација, а тоа бидејќи се работи за пат кој што поврзува две држави, да се работи паралелно и заеднички кој што ќе даде развој на целиот регион, рече Бочварски.
За реализација на вакви проекти, додаде Бочварски, добрата и темелна анализа и други постапки се важни за да нема проблеми при реализација на терен, со оглед на планинскиот предел каде што ќе треба да се работи.