Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, денеска се обрати на настанот по повод почнувањето на изградбата на автопатот Тетово – Гостивар на Коридорот 8.
Тој во својот говор истакна дека со почнување на реализацијата на овој проект станува јасно дека модернизацијата на патната инфраструктура во земјата е врвен приоритет на Владата.
Еве го интегралното обраќање на министерот Бочварски:
„Денеска, ја испишуваме историјата на модерна, просперитетна и европска Македонија.
Ова е момент што долго ќе го памтиме сите, овој камен-темелник е доказ за посветената работа на институциите, на добрата координација, доказ за силната посветеност, да се избориме и да зпочнеме со реализација на предизвикувачки најголемиот капитален инфраструктурен проект досега.
Најпрвин сакам да честитам до сите што беа инволвирани во овој процес и дадоа огромни напори да почнеме со реализација на овој проект.
Денеска, даваме јасно до знаење на сите дека инфраструктурата е најголем приоритет на оваа Влада и Република Северна Македонија останува на вистинскиот правец за модерна и просперитетна држава.
Многупати ги слушавме декларативните заложби дека сакаме да ги затвориме европските коридори, 32 години се зборуваше, но најтешките делници останаа нереализирани, патиштата на овие делници се истите од минатиот век.
Клучно прашање е дали сакаме да го вратиме она што е пропуштено како шанса? Сите ќе се согласиме дека сме „за“. Дали сакаме посилна економија за младите да ни останат овде? Сакаме. Во делот на инфраструктурата направивме неколку чекори на тој пат преку новите патни правци, кои веќе се реалност, но јас сум убеден дека ова е најсилниот чекор и најголемиот скок на тој пат.
Оттука, почнуваме со изградба и модернизација на коридорите 8 и 10 Д, нови автопатски делници со вкупна должина од 108 километри.
– Денеска најавуваме почеток на изградба на првата од четирите автопатски делници, автопатот Тетово – Гостивар во должина до 17,5 километри;
– Веќе следната недела почнуваме со изградба и на автопатската делница Прилеп – Битола во должина од 39,3 километри;
– Истиот овој месец почнуваат и градежните работи на делницата Гостивар – Букојчани во должина од 30,3 километри;
– А според договорот, предвидовме изградбата на делницата Требеништа – Струга – Ќафасан во должина од 21,7 километар да почне крајот на оваа година.
Сите сме свесни дека ова нема да биде лесна работа, ни претстојат огромни предизвици бидејќи градежништвото е неизвесно на терен, но сакам да уверам дека максимално сме фокусирани на изградбата на овие проекти на коридорите 8 и 10 Д.
А коридорите во Северна Македонија се од витално значење за целиот Западен Балкан и поради тоа имаме поддршка и од нашите стратешки партнери.
И не случајно, тука се присутни претставници од целиот регион, од Албанија, од Бугарија. Сите заеднички му даваме огромно значење на овој европски проект бидејќи нашата заедничка иднина е европска.
И морам да спомнам дека ова е наш заеднички успех на сите граѓани во Република Северна Македонија.
Сакам да потенцирам дека првпат воведуваме нов модел во изградбата на патиштата, кој низ Европа дава резултати. Сè со цел да ја забрзаме изградбата на коридорите, изведувачот ќе го примени принципот на проектирање и изградба, а тоа подразбира дека на изведувачот му се дава обврска да проектира по делници и да гради.
Очекувам добро менаџирање со проектот и верувам дека компанијата изведувач како светски реномирана компанија, ќе покаже силна акција, модерни методи и технологии на терен, а тоа е предуслов на зајакнување и на капацитетите на домашните градежни компании.
Имаме силна желба, имаме мотив и знаење да направиме сериозен чекор и преку доизградбата на коридорите земјата да ја потврди својата позиција на вистински центар и крстосница на Балканот.
Затоа, слободно можам да кажам дека ова е година на инфраструктурата. Инвестираме преку милијарда евра само во изградба на нови автопатишта, но градиме и нови експресни патишта, нова пруга кон Исток.
Република Северна Македонија и сите нејзини граѓани заслужуваат квалитетни и безбедни патишта, затоа очекувам сите максимално да се вложиме и да ги постигнеме стратешките цели на државата за модерна и развиена патна мрежа.
Уште еднаш честитки за сите и нека ова биде почеток на една успешна приказна за инфраструктурата, за економски развој и за просперитетна Македонија.“