Во времето на ВМРО-ДПМНЕ беа изградени и рехабилитирани 650 км патишта за десет години, додека оваа Влада за пет години рехабилитирала и изгради 1.300 км, вели министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

– Оваа година имаме 25 милијарди денари капитални инвестиции и ова е најголемото ниво капитални инвестиции од независноста на државата наваму. Само за споредба кога во 2014, 2015, 2016 најмногу се зборуваше за некакви големи инвестиции, тие капитални инвестиции биле меѓу 17 и 18 милијарди денари, што значи ние сме го зголемиле нивото на капитални инвестиции за преку 40 проценти, вели Бочварски во интервју за провладиниот Фронтлајн.

Тој додава дека „со изградените патишта се смени сликата на целиот источен регион“.

Бочварски во целото интервју зборува за рехабилитација на локални и регионални патишта, не кажува ниту еден новоизграден пат, а за автопат не станува ни збор.

Министерот Бочварски ги заобиколува автопатите оти во мандатот од 5 години не успеаја да изградат ниту еден, освен чочекот и пуштањето во употреба на веќе изградениот од претходната власт од Демир Капија до Гевгелија и од Скопје до Штип.

Капак на успесите на актуелната власт во поглед на (авто)патиштата е и како што вели Бочварски, рехабилитацијата на делницата на автопатот од Скопје кон Катланово, која и по неколку години не успеваат да ја завршат.

А јавноста знае дека рехабилитација значи корнење на стариот и поставување на нов асфалт на веќе изградени (авто)патишта.

(Д. Г.)