Деталните урбанистички планови ги креираат општините, тие се на некој начин во сопственост на општините, а Министерството за транспорт и врски е само контрола, така што одлуката е на Општина Центар, која треба да ја донесе денеска на седница на Советот и да ја достави до Министерството, дали ќе бара суспензија.
Ова го изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски при денешната посета на увид на градежни работи на автопатот Скопје-Блаце, информирајќи дека имал средба со градоначаникот на општина Центар утрово на која бил информиран дека ќе се одржи седница на Советот и дека ќе донесат своја одлука.
– Имавме средба и состанок изутринава на којшто сум информиран дека денеска Општина Центар на седница на Совет ќе донесе своја одлука како да постапи во однос на ова прашање, а веднаш потоа таа одлука, за која претпоставувам ќе ја информира јавноста, а секако и нас. Доколку е во насока на суспензија на одреден план ќе треба да достават елаборат до Министерството за транспорт и врски на којшто ние ќе треба да дадеме наше мислење. До колку се работи на суспензија на цел план, има можност за суспензија од 12 месеци додека се донесе новиот план. Доколку се работи на суспензија на само еден дел од тој план тогаш има можност за шест месеци да биде суспендиран тој план и во тие шест месеци да се донесе промената која што би била адекватно и соодветно за таа матична општина. Ние ги очекуваме одлуките на таа матична општина, појасни Бочварски.
Тој додаде дека Министерството има рок од 15 дена да дадат свое мислење на тоа и повторно се враќа во Советот на Општината на конечна одлука.
– Ја очекуваме одлуката на Општина Центар и ние ќе постапуваме согласно законите коишто ги имаме во државата, потенцира Бочварски, додавајќи дека ДУП не носи Владата или Парламентот, туку Советот на општината на седница, а дека тие се вклучуваат да дадат согласност за одреден план и тоа не само транспорт, туку и животна средина и катастар и други десетина институции.
Потенцира дека матичните ингеренции ги има Општина Центар и дека очекува нивниот интерес и интересот на граѓаните најдобро го чувствуваат тие , а ние, како што рече, секако според законите ќе носиме одлуки.
Министерот посочи дека согласно новиот Закон за урбанистичко планирање е правен во целосна координација со јавноста, со сите политички партии, власта и опозицијата нуди можност за суспензија и дека таа суспензија и барање за суспензија треба да потекне токму од општината чија сопственост е тој план каде што се наоѓа, на чија територија, на чија општина се наоѓа, а потоа сите надлежни институции да ги дадат своите мислења во однос на суспензијата на тој план.