Со онлајн проекција на документарниот филм „Земниот живот на Исус Христос“, вечер почнува седмото издание на Меѓународниот филмски фестивал за културни, духовни и хумани вредности „Богородичен Покров“.
Во филмот се покажуваат места поврзани со животот на Господ Исус Христос, од неговото раѓање до неговата смрт на крстот и воскресението. Чекор по чекор се прикажува животниот пат на Господа. Филмот само во Русија го виделе над 2,5 милиони гледачи.
Автор е Александар Казакевич, режисер Константин Голенчик, продуцент е Дмитриј Менделеев, студио „Неофит“ од Русија.
Инаку, фестивалот годинава ќе се одржува до 25 декември со проекција на филмови во хибридна форма. Во програмата на фестивалот се прикажуваат документарни и играни филмови посветени на културното, духовно наследство и хуманоста, како и историски и биографски филмови.
Фестивалот е основан 2016-та година и досега поддржан од 12 амбасади во државата, бројни компании, а медиумски и од МИА. медиумски куќи.
Почесен претседател на фестивалот е проф. д-р Јован Таковски, протојереј–ставрофор, одликуван со златен медал „Св. Климент Охридски” на државно ниво.
Програмскиот совет на фестивалот го сочинуваат Антонио Митриќески, професор на ФДУ и режисер, добитник на бројни интернационални награди, Ѓоко Ѓоргевски, декан на Богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје и поранешен амбасадор во Ватикан, Владимир Ангелов, виш филмолог и директор на Кинотека на Северна Македонија и Зорица Костовска, основач и директор на фестивалот.
-Фестивалот нема комерцијален карактер, сите филмски проекции и програми се бесплатни. Нашата мисија и цел е да ги шириме духовните вредности меѓу луѓето и да ги едуцираме младите генерации во насока на добрина, морал, етика, пожртвуваност, љубов и духовност, вели Костовска.
Организацијата е на „Топ Ворлд ТВ продукција“ од Скопје, која е основана во 1994 година, чија определба е да негува општествено полезни, духовни, етички и хумани проекти.