Кинеските авиокомпании ќе купат 7.690 нови авиони во вредност од 1.200 милијарди долари во следните две децении, за да го задржат темпото со зголемената потрошувачка и бизнис побарувачката за воздушен транспорт, проценува компанијата „Боинг“.

Најновата проценка на американскиот производител на авиони за периодот до 2037 година е зголемена за 6,2 отсто од ланските прогнози, кога „Боинг“ очекуваше дека кинеските компании ќе купат 7.240 авиони до 2036 година.

– Растот во Кина може да се припише на зајакнувањето на средната класа во земјата. Средната класа се зголеми трипати во текот на изминатите десет години и се очекува да се удвои во следните десет, изјави Ренди Тинсет, потпретседател на маркетинг на  „Боинг“.

„Боинг“ и неговиот европски ривал „Ербас“ се обидуваат да го зголемат влијанието на пазарот во Кина, најбрзо растечкиот глобален авионски пазар, на тој начин што двете компании отворија производствени капацитети во Кина.