Македонија е подготвена за следната фаза од процесот за приклучување кон иницијативата „Роаминг како дома“, со која граѓаните би можеле да користат мобилни услуги во земјите од Европската Унија без дополнителни роаминг трошоци, изјави денеска Драгана Бојковска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник.
Според Бојковска, станува збор за конкретен чекор од кој директна корист ќе имаат граѓаните, компаниите, студентите, работниците, дијаспората и сите кои патуваат или комуницираат со земјите од ЕУ.
„Со ‘Роаминг како дома’, граѓаните ќе можат да користат мобилни услуги, повици, СМС-пораки и мобилен интернет без дополнителни роаминг трошоци, односно под услови еднакви со домашните тарифи“, рече Бојковска.
Таа посочи дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период работела на усогласување на домашното законодавство со европските директиви и регулативи во областа на електронските комуникации. Како дел од тој процес, биле изработени четири гап-анализи, врз основа на кои бил подготвен законски текст за измени и дополнувања на Законот за електронските комуникации.
Нацрт-законот, како што информираше Бојковска, бил објавен на ЕНЕР на 20 јануари 2026 година, а на седница на Владата одржана на 24 февруари годинава бил утврден текстот на Предлог-законот.
Таа додаде дека на 4 јуни 2026 година Советот на Европската Унија го одобрил почетокот на преговори со земјите од Западен Балкан за проширување на режимот „Roam Like at Home“. Според неа, тоа отвора можност за секторски преговори меѓу Европската комисија и секоја од земјите од регионот, вклучително и Македонија.
Бојковска најави дека на 12 јуни е закажан состанок на кој ќе присуствува министерот Андоновски, заедно со министри од земјите од Западен Балкан и претставници на Европската комисија. На состанокот, како што рече, ќе се разговара за главните елементи на преговарачката рамка, следните чекори и степенот на подготвеност на секоја земја.
„Ова значи дека Македонија не доцни и дека е подготвена. Ова е директен показател дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ испорачува резултати“, истакна Бојковска.
Таа оцени дека иницијативата претставува пример за европска интеграција со конкретна придобивка за граѓаните, додавајќи дека Владата ќе продолжи да работи на дигитална трансформација, европско усогласување и мерки кои го подобруваат секојдневниот живот.




