Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев денеска го посетил Одделот за криминалистичка полиција каде остварил средба со раководството на оваа организациска единица, со цел да се сумираат резултатите од изминатиот период, соопштија од МВР.
Бојмацалиев бил брифиран за работата на Секторот за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи и Секторот за општ и насилен криминал во рамки на овој Оддел. Секторот за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи, согласно своите надлежности, се наведува во соопштението, активно преземал мерки и активности, согласно утврдените цели и приоритети, како и врз основа на веќе воспоставените оперативни акции, криминалистички контроли и криминалистички обработки. Сето тоа, во насока на сузбивање на улично дилерство на сите видови наркотични и синтетички дроги, сузбивање на организирање и вршење на транспорт на поголеми количини на дроги, сузбивање на криминални групи кои се занимаваат со недозволена трговија и продажба на наркотични и опојни дроги, откривање и уништување на насади со растенија канабис, како и откривање на импровизирани тајни лаборатории за внатрешно одгледување на растенија канабис и лаборатории за производство на синтетички дроги.
– Во рамки на оперативната акција од 14.09.2020 до 29.02.2024 година, од страна на Единицата за НТ со дрога, Сектор за НТ со дрога, оружје и опасни материи при Оддел за Криминалистичка Полиција координирани се, а во поголем дел и учествувано во извршени вкупно 1.640 претреси на дом, објекти и помошни простории, 1.781 прегледи на лица/возила и 22 пребарувања на терен, а поради сомнение за сторено кривично дело по чл.215 од КЗ лишени од слобода се 5.815 лица. Притоа, разбиени се 19 криминални групи, пресечени се 29 меѓународни транспорти на марихуана, по два на хероин и кокаин и еден на хашиш. Поднесени се вкупно 1.566 кривични пријави поврзани со недозволена трговија со дрога, извршени од 1.807 сторители, било истакнато на средбата од страна на раководството на Одделот за криминалистичка полиција.
Во делот на недозволената трговија со оружје, стои во соопштението од МВР, откриените кривични дела во оваа област, начелно се карактеризираат со нелегално држење и поседување на едно парче оружје, муниција или експлозивни материјали од страна на поединци, а недозволената трговија и поседувањето на нелегалното оружје, во голем дел е поврзана со вршење на други видови на кривични дела, најчесто од областа на насилниот и имотниот криминал, како и недозволената трговија со дрога.
Од раководството на крим полиција, се додава во соопштението, било истакнато дека Единицата координирано со различни организациони единици при СВР во периодот од 2021 до 2023 година учествувала во случаи во кои се лишени од слобода вкупно 64 лица, при што одземени се 84 различни видови огнено оружје и 5050 куршуми различен калибар.
За работата на Секторот за општ и насилен криминал, Бојамацалиев бил информиран дека од страна на Единицата за борба против корупција во периодот од 2019-2023 година има воспоставено шест меѓу секторски криминалистички обработки и има поднесено вкупно 96 известувања.
– Единицата во координација со Управата за јавни приходи изврши контрола во 17 градови и 67 објекти кои приредуваат игри на среќа и забавни игри, при што од страна на УЈП по основ на данок за игри на среќа во државниот буџет се наплатени околу 100.000.000 денари. Од страна на Единица за Економски криминал при Секторот за општ и насилен криминал при Одделот за криминалистичка полиција во периодот од 2019-2023 година има 33 координирани акции, при што наплатени се 10.500.000 денари по разни основи, било истакнато од страна на раководството на Одделот.
Како што стои во соопштениет, за одбележување е делот на меѓународната соработка на Одделот, кој има воспоставена одлична соработка со Службите за борба против дрога не само со земјите од соседството и регионот, туку и со голем број земји членки на ЕУ, како Австрија, Белгија, Германија, Италија, Франција и други.
Дополнителниот заменик министер Бојмацалиев констатирал дека ова се најдобрите резултати во борбата против недозволената трговија со дрога во последните 30 години.
Тој истакнал дека вкупно се запленети наркотични средства од 2017-2023 во вредност од 426 милиони евра, притоа во три наврати уништени над 12 тони дрога. Во оваа прилика Бојмацалиев упатил честитки до раководството на Одделот за криминалистичка полиција за реализираните високи резултати во полициското работење, со уверување дека ќе продолжат со несмален интензитет и во наредниот период.
Фото: МВР