Боки 13 се сомнева дека се избришани пораките од неговиот мобилен за кои тврди дека ќе откријат вмешаност на политичари во случаите Рекет и Меѓународен сојуз. Вели недостасувале илајдници пораки од неговата комуникација кои како копија ги добил по вештачењето на неговиот телефон. Одбраната смета дека некој се плаши од содржината на пораките, па најверојатно тие се избришани.
Адвокатот на Боки 13, Сашко Дуковски рече дека поединци се плашат од пораките кои ги имал Боки 13 во неговиот телефон.
„Доколку се докажат нашите тврдења, некој дебело ќе одговара од таму. Судот тука воопшто можеби не е виновен затоа што судот изиграва еден вид трансмисија и тоа е обезбедено од страна на МВР. Но, внимавајте, цел фолдер, се работи за илјадници, некаде околу 200.000 пораки на „Whatsapp“. Тие се избришани од хард дискот. Ги нема. Каде се тие? Како ние ќе ја утврдуваме фактичката состојба во овој конкретен предмет“, вели Дуковски.
Како што пренесува ТВ Сител, Јовановски на денешното судење побара замена за судијата и обвинителот кои го водат случајот, но и за првиот човек на Кривичен, бидејќи како што рече, претседателот на судот, Џолев му побарал мито од 50 илјади евра.
Освен Јовановски, во случајот Меѓународен сојуз, кривично се гонат и неговиот татко, вработени во невладината и поранешната пратеничка Фросина Ременски. Обвинети се за измама на двајца бизнисмени.