Наместо пониска од пазарната цена, добија берзанска плус маржа. Болниците треба и тоа како да го одврзат ќесето за да си ги платат сметките за струја годинава. Осум државни клиники и институти кон средината на декември склучиле договор со ЕСМ Продажба за набавка на електрична енергија според пазарните цени на берзата за струја HUPX. Дополнително на тоа ќе платат и 5% трговска маржа. Цените ќе бидат променливи зависно од тоа како ќе се движат цените на оваа берза. За набавка на струја за 12 месеци, овие 8 државни клиники ќе потрошат вкупно 2,6 милиони евра со ДДВ. Инаку кон крајот на септември, Владата помпезно на вонредна прес конференција најави пониска цена за јавните здравствени установи.
Владата кон крајот на минатата година пренамени 7 милиони евра пари од буџетот, за болниците на кои им се закануваше исклучувањее од ЕВН да можат да ги подмират старите долгови за струја. Од друга страна, ЕСМ Продажба пред десетина дена продаде поевтино ноќни вишоци струја на трговци со електрична енергија. Цената изнесуваше околу 100 евра за мегаватчас, што е двојно поевтино од онаа на берзата HUPX. И покрај сето ова, премиерот Ковачевски уверува дека најдобро сме се справиле со енергетската криза од земјите во соседството.
И покрај фалбите на Владата дека сите енергетски капацитети се во функција, тие никогаш не работат со полн капацитет. Аналитичарите и опозицијата постојано критикуваат дека нема да има големи потреби за увоз на струја ако има доволно електрична енергија од домашно производство. Само во последните месеци од 2022-рата, се потрошија 40 милиони евра за увоз на струја.