Легендарниот јамајкански атлетичар Усеин Болт тренира со нов фудбалски клуб и планира својата желба да се занимава професионално со фудбал да ја реализира во Австралија.
Светскиот рекордер на 100 и 200 метри во следниот период ќе тренира со клубот Сентрал коуст маринерс од Госфорд во австралиската сојузна држава Нов Јужен Велс.
Поранешниот 31-годишен спринтер иако тренира со австралискиот клуб засега нема да потпише професионален договор.
– Возбуден сум поради доаѓањето во Австралија. Мојот сон е професионално да играм фудбал, а знам дека тоа подразбира многу труд. Ќе бидат потребни многу тренинзи да го постигнам професионалното ниво, истакна Болт.
Претходно, тој тренираше со Борусија од Дортмунд, со јужноафриканскиот клуб Мелоди сандоунс и со Стремсгодсет од Норвешка.