Претседателот на СДСМ Венко Филипче денеска на прес-конференција кажа дека формирале Антикорупциски тим којшто ќе истражува скандали, ќе анализира документи, ќе ги презентира до јавноста и оти ја повикал главната европска обвинителка Лаура Ковеши да ја посети земјава за, како што кажа, да се запознае со малверзациите со европските фондови.
-СДСМ ја повикува европската обвинителка Лаура Ковеши да ја посети Македонија. Лично да се запознае со малверзациите што ВМРО-ДПМНЕ ги прави со европските фондови, меѓу кои и тоа веќе е јасно ИПАРД програмата, во која се загрозени 130 милиони евра. Не можеме да имаме доверба во институциите на власта, притисокот на власта коишто се заштитници со своето однесување на криминалот, и тоа да биде над правото и над јавниот интерес. Гледаме дека власта единствено нешто што прави, а особено со скандалите посебно со овој со ИПАРД фондовите, е да ја дефокусира јавноста. Наместо да има одговорност по апсењето на нивниот директор, член на ВМРО-ДПМНЕ, директор на Агенцијата за финансиска поддршка, гледаме само спинови, само обвинувања кон опозицијата, рече Филипче.
Тој изрази очекување дека со вклучувањето на Лаура Ковеши овој случај целосно да се расчисти, и што е важно, вели, да се осигуриме дека ваков скандал со европски пари повторно нема да се случи.

-Но фактите се јасни, се случи најголемата проневера на европски пари во Македонија, ИПАРД фондовите, и тоа луѓе членови на ВМРО-ДПМНЕ, луѓе блиски до премиерот Христијан Мицкоски. Не е ова темен вилает на ВМРО-ДПМНЕ, да си играат со судбината на Македонија, со европската иднина на граѓаните и со европските фондови коишто се наменети за подобар живот на граѓаните и за подобар систем во државата, рече Филипче.
Во врска со Антикорупцискиот тим во рамки на нивната програма „Нова сила“, кажа дека тој ќе биде составен од професионален тим советници, експерти во областа на правото, во областа финансите, но пред сè млади активисти и истражувачи на СДСМ, кои ќе истражуваат скандали, ќе анализираат документи, ќе ги презентираат до јавноста, ќе ги разоткриваат сите корупциски шеми, по што ќе поднесуваат соодветни пријави до национални и меѓународни институции.
Најави и дека ќе објават платформа на која кој било граѓанин, од каде било во државата, од кое било село, град, општина, регион, ќе може да пријавува сомнителни случаи на корупција, да достави докази и материјали.
Помош, вели Филипче, ќе побараат и иницијатива ќе поднесат до антикорупциските институции во Италија, коишто со децении се бореле против најорганизираната европска мафија, Коза ностра и се справиле, вели, со неа.
-Превенцијата не успеа, корупцијата ескалираше и мора сè да се истражи, затоа што крадењето мора да престане. Секој што крадел, ќе одговара, оцени Филипче.
Фото: СДСМ




