Најмалку 11 лица загинаа при самоубиствен бомбашки напад на аеродромот во Кабул, кој беше изведен само неколку минути откако авганистанскиот потпретседател, генерал Абдул Рашид Достум се врати во земјата од егзил, соопшти полицијата.
Портпаролот на полицијата во Кабул Хашмат Станакзаи изјави дека во нападот се повредени најмалку 14 лица, вклучувајќи и цивили и припадници на безбедносните сили.
Експлозијата одекна додека симпатизерите на Достум беа собрани на влезот на аеродромот за да го поздрават, јави ДПА.
Портпаролот на Министерството за внатрешни работи Наџиб Даниш рече дека бомбашот-самоубиец бил идентификуван од страна на полицијата, но дека го активирал експлозивниот елек пред да може да биде уапсен.
Достум се врати дома откако помина 14 месеци во егзил во Турција.
Тој го напушти Авганистан во мај 2017 година, пред да започне судска постапка против него за наводно киднапирање и тортура на политички противник.