Со зголемување на надоместоците за концесии за првите шест месеци од 2025 година, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини оствари наплата од над 500 милиони денари, што е историски успех и е двојно поголема сума наплатена во споредба со 2024 година. Со зајакнување на инспекциските контроли, пак, целта ни е да воведеме европски стандарди и знам дека ќе успееме во тоа. Приоритетите остануваат јасни: ред, транспарентност и одговорност во управувањето со енергетските и рударските ресурси, вели во интервју за МИА министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
– Од самиот почеток јасно кажав дека ќе воведеме ред во системот на концесии. Тоа значи дека секој што добил право да користи државен ресурс мора да ги исполнува обврските, без исклучок. Ги зголемивме надоместоците за концесиите во рударството – мерка што не е направена со години – и воспоставивме нов систем за контрола и наплата. Конкретните бројки покажуваат дека за првите шест месеци од 2025 година, Министерството оствари наплата од над 500.000.000 денари, што е историски успех. Само за споредба, ова е двојно поголема сума наплатена во споредба со 2024 година. Секој денар што ќе се наплати од концесии ќе биде наменет за јавен интерес – за безбедност, заштита на животната средина и развој на локалните заедници, вели министерката Божиновска.
Таа при тоа појаснува дека сумата која до сега ја плаќале концесионерите била една од најниските споредено на ниво на Европа и затоа вели дека не претставува никакво оптоварување на конкурентноста на субјектите кои работат во оваа индустрија во земјава.
– Од друга страна, за мене е многу значајно тоа што најголем дел од средствата собрани по овој основ завршуваат во буџетите на општините таму каде што се наоѓаат рудниците. Тие пари нема да се користат за бирократија и администрација, туку во најголем дел ќе се користат за потребите на луѓето, за проекти коишто нив директно ќе им го олеснат животот, дали тоа е нов парк, улица или градинка, наведува Божиновска.
Таа воедно потенцира дека Министерството веќе спроведе ревизија на сите активни концесии и утврди дека дел од нив не се во согласност со законските прописи, поради што над 45 концесии се раскинати.
– Нашата цел не е санкција по секоја цена, туку враќање на принципот на одговорност и почитување на државниот интерес. Воведуваме ред за да создадеме фер услови за работа. Тоа е предуслов за воведување европски стандарди и надеж за зголемување на севкупната економска активност во овој сектор, потенцира министерката за енергетика.
Божиновска потврдува дека со носењето на новиот Закон за енергетика зголемен е интересот за инвестиции од домашните и странските компании. Веќе имаат најави за нови вложувања во обновливи извори – сончеви и ветерни електрани.
– Целта е Македонија да биде сигурен партнер за инвеститорите, со јасни правила и функционален енергетски пазар, наведува таа.
Воедно, потенцира дека Министерството воведува ред и во изградбата на нови енергетски капацитети со тоа што по првпат се изготвува Годишен план за развој на енергетскиот систем, кој ги дефинира приоритетите за нови објекти, зајакнување на мрежите и стабилно снабдување со електрична енергија. До 1 октомври, потенцира таа, добиле над 200 иницијативи за 2026 година, што обезбедува стратешко насочување на инвестициите и правна сигурност за инвеститорите.
Божиновска нагласува дека земјава има активна улога и во регионалните и европските иницијативи и се посветени на зајакнување на енергетската дипломатија.
Во тој контекст таа ја потенцира важноста на Меѓународниот форум за енергија за одржлив развој (IFESD-14), што во организација на Министерството за енергетика и рударство и УНДП, од 28 до 30 октомври ќе се одржи во Скопје, а на кој досега има пријавено учесници од над 70 земји и повеќе од 300 делегати.
– Форумот е платформа за активна регионална и меѓународна соработка, привлекување инвестиции и промоција на стабилната регулаторна рамка што ја создадовме. Форумот е дел од пошироката стратегија на Министерството да ја зголеми видливоста на Македонија во енергетскиот сектор, да ја унапреди енергетската безбедност и да отвори нови можности за домашни и странски инвестиции, подвлекува Божиновска.
Во интервјуто министерката Божиновска, меѓу другото, се осврнува и на иницијативата за заштита на македонскиот рубин како национално богатство – симбол, но и ресурс со значаен економски потенцијал, со цел да се регулира неговото ископување и тргување.
1. Министерке Божиновска, веднаш по стапувањето на функцијата најавивте дека контролата врз концесиите ќе биде еден од вашите приоритети. Ги зголемивте надоместоците за концесии – нешто што не е направено со години. Дали концесионерите плаќаат редовно и што конкретно е направено досега?
-Од самиот почеток јасно кажав дека ќе воведеме ред во системот на концесии. Тоа значи дека секој што добил право да користи државен ресурс мора да ги исполнува обврските, без исклучок. Ги зголемивме надоместоците за концесиите во рударството – мерка што не е направена со години – и воспоставивме нов систем за контрола и наплата. Конкретните бројки покажуваат дека за првите шест месеци од 2025 година, Министерството оствари наплата од над 500.000.000 денари, што е историски успех. Само за споредба, ова е двојно поголема сума наплатена во споредба со 2024 година. Секој денар што ќе се наплати од концесии ќе биде наменет за јавен интерес – за безбедност, заштита на животната средина и развој на локалните заедници.
Морам да потенцирам дека сумата која до сега ја плаќале концесионерите е една од најниските компаративно, на ниво на Европа. Од тој аспект не претставува никакво оптеретување на конкурентноста на субјектите кои работат во оваа индустрија во Македонија.
Од друга страна за мене е многу значајно тоа што најголем дел од средствата собрани по овој основ завршуваат во буџетите на општините таму каде што се наоѓаат рудниците. Тие пари нема да се користат за бирократија и администрација, туку во најголем дел ќе се користат за потребите на луѓето, за проекти коишто нив директно ќе им го олеснат животот, дали тоа е нов парк, улица или градинка.
Дополнително, Министерството веќе спроведе ревизија на сите активни концесии и утврди дека дел од нив не се во согласност со законските прописи. Поради тоа, над 45 концесии се раскинати. Нашата цел не е санкција по секоја цена, туку враќање на принципот на одговорност и почитување на државниот интерес.
Воведуваме ред за да создадеме фер услови за работа. Тоа е предуслов за воведување на европски стандарди и надеж за зголемување на севкупната економска активност во овој сектор.
2. Најавивте и воведување на зајакнати инспекциски контроли во секторот. Дали тие веќе функционираат и со какви резултати?
-Од почетокот на годината, па до 1 октомври се спроведени 170 вонредни и 78 редовни инспекциски надзори, а ќе се воведат и многу построги критериуми за издавање и следење на нови концесии. Секој инвеститор кој ги почитува законите нема од што да стравува – напротив, добива поддршка и сигурност во работењето. Но, оние кои го злоупотребуваат системот мора да знаат дека државата ќе реагира веднаш.
Исто така, за прв пат се доделени концесии за пократок период, односно за период од 7 или 8 години што досега не било случај, односно сите концесии се издавале на максимален период од 20, 30 години. Ние го менуваме тоа, а се со цел да ја потикнеме одговорноста на компаниите, бидејќи 7,8 години се ништо во овој сектор и доколку сакаат да ја продолжат концесијата ќе знаат дека мора да работат согласно законот, но и одговорно. Ќе мораат да ги почитуваат правилата и да инвестираат адекватно. Целта е воспоставување ред и јасни правила. Кога секторот е уреден и правно сигурен, инвеститорите се мотивирани да вложуваат, а државата добива стабилен приход и заштита на ресурсите. Дополнително, сите се со еднакви услови за работа. Нема да има заштитени или привилегирани.
Исто така „сите концесии ќе бидат јавно објавени“, транспарентноста и отчетноста се основа на новата политика која ја воведуваме. На сајтот на Министерството веќе се објавуваат сите доделени концесии, а во завршна фаза е и регистарот за одземени концесии што исто така ќе биде достапен јавно.
Нас ни е целта да воведеме европски стандарди. Знам дека ќе успееме во тоа.
3. Во првата година од Вашиот мандат започнавте силно и тоа на повеќе фронтови – обновливите извори на енергија, енергетската транзиција, но и стабилизирање на состојбата во енергетскиот сектор. Неколкупати потенциравте дека приоритет ви е подобрување на инфраструктурата во енергетиката. Што е во фокусот во овој период и дали веќе постои интерес од домашни и странски инвеститори за нови вложувања?
-Со носењето на новиот закон за енергетика, гледаме зголемен интерес за инвестиции од домашните и странските компании. Имаме најави за нови вложувања во обновливи извори – сончеви и ветерни електрани. Целта е Македонија да биде сигурен партнер за инвеститорите, со јасни правила и функционален енергетски пазар.
Воведуваме ред во изградбата на нови енергетски капацитети: за прв пат се изготвува Годишен план за развој на енергетскиот систем, кој ги дефинира приоритетите за нови објекти, зајакнување на мрежите и стабилно снабдување со електрична енергија. До 1 октомври добивме над 200 иницијативи за 2026 година, што обезбедува стратешко насочување на инвестициите и правна сигурност за инвеститорите.
Македонија има активна улога во регионалните и европските иницијативи. Ја зајакнавме енергетската дипломатија, редовно соработуваме со меѓународни партнери и соседите, што ја зголемува нашата енергетска независност. Започна изградбата на интерконекторот кон Грција, се водат разговори со Србија за завршување на нашиот дел од гасниот интерконектор и го забрзавме проектот за енергетска интерконекција со Албанија.
Во однос на енергетската дипломатија многу важен е и Меѓународниот форум за енергија за одржлив развој (IFESD-14), што во организација на Министерството за енергетика и рударство и УНДП, од 28 до 30 октомври ќе се одржи во Скопје. Досега има учесници од над 70 земји и повеќе од 300 делегати.
Форумот е платформа за активна регионална и меѓународна соработка, привлекување инвестиции и промоција на стабилната регулаторна рамка што ја создадовме. Форумот е дел од пошироката стратегија на Министерството да ја зголеми видливоста на Македонија во енергетскиот сектор, да ја унапреди енергетската безбедност и да отвори нови можности за домашни и странски инвестиции.
4. Инфраструктурата често е стара и нестабилна. Како планирате да ја модернизирате мрежата и да спречите прекини?
Електроенергетската мрежа е темелот на безбедното снабдување. Затоа, планираме паралелни мерки – реконструкција на старите делови од мрежата, дигитализација на системите, воведување на батериски складишта и засилена координација со операторите.
Во тек е подготовка на Grid Master Plan, кој детално ќе ја прикаже состојбата на нашата електроенергетска мрежа и ќе покаже каде, како и со каков интензитет треба да се интервенира. Тоа е документ што ќе овозможи јасно планирање на идните инвестиции, базирано на реалните потреби и капацитети на системот.
Воедно, се инвестира во изградба и модернизација на нови трансформаторски станици, со цел да се обезбеди поголема безбедност и стабилност во снабдувањето. Дел од постојните станици се стари по 20 или 30 години и веќе не одговараат на сегашниот конзум на електрична енергија, кој континуирано расте.
Ако сакаме да овозможиме вклучување на обновливите извори на енергија во системот, мора да интервенираме во мрежата – таа мора да биде стабилна, модерна и безбедна. Нашата цел е да не дозволиме сценарија какви што видовме во некои европски земји, како што беше blackout-от во Шпанија, каде што недоволната стабилност на мрежата предизвика сериозни прекини.
Во однос на краткорочните проекти, планираме до крајот на годината да ја завршиме реконструкцијата на 110 kV далекувод Битола 1 – Прилеп 1. Во врска со меѓусебното поврзување на 400 kV Битола–Елбасан, раскинат е договорот со постојниот изведувач и во тек е постапка за ретендерирање при што се надеваме дека во четвртиот квартал ќе се избере изведувач и ќе продолжиме со работа. Продолжуваме и со градба на 400/110 kV трансформаторска станица во Охрид, при што очекуваме до следната година да биде завршена и спремна за поврзување со новата интерконекција. Согласно договорот, очекуваме во 2026 да влезе во употреба и реакторот во трансформаторската станица Дуброво, што ќе овозможи стабилизација на напонот во високонапонските мрежи во целата држава.
Дополнително, се подготвуваме за отпочнување на проектот за зајакнување на 110 kV коридор од Битола до Гостивар, кој е финансиран од сопствени средства на МЕПСО. МЕПСО започнува и процес за инсталирање на нов SCADA систем во Националниот диспечерски центар, поддржан со стандардизирани BCU и RTU инсталации во трансформаторските станици. Во рамки на оваа активност доставивме апликација до WBIF за техничка помош за развој на новата дигитална SCADA платформа.
Исто така, преку WBIF механизмот обезбеди́вме техничка поддршка и за проектот во југозападниот дел на земјата, кој вклучува надградба и зголемување на капацитетот на постојната интерконекција помеѓу Битола и Лерин, концепт за дигитална трафостаница во ТС Битола 1 и ТС Сопотница, воведување на технологијата Dynamic Line Rating (DLR) на критични коридори, како и реконструкција и зголемување на капацитетот на 110 kV коридорот од Струга до Скопје. За овие активности се предвидени студии за изводливост кои треба да започнат во ноември.
Во среднорочен период, фокусот на МЕПСО е на зголемување на преносниот капацитет во јужноисточна Македонија. Ова вклучува изградба на нова трансформаторска станица 400/110 kV во Милетково и реконструкција на 110 kV коридорот од Валандово до Струмица. Градбата на вакви хабови ќе овозможи подобра интеграција на обновливите извори на електрична енергија.
Дополнително, потпишавме грант-спогодба со AFD, во рамки на која RTE International ќе обезбеди техничка поддршка за нашите инженери и ќе развие заеднички пилот-проект за дигитализација на 110 kV трафостаница во источниот дел на земјата.
Имајќи ги во предвид напорите на Владата за позиционирање на Македонија како енергетски јазол, МЕПСО активно се вклучува во иницијативата Исток–Запад, во соработка со преносните систем-оператори на Турција, Бугарија, Грција, Косово и Албанија, со која ќе анализираме можноста за дополнителни 400 kV интерконекции со Бугарија и Косово, што ќе овозможи дополнително зголемување на преносниот капацитет на коридорот Исток–Запад. Како прва фаза на зајакнувањето на Исток–Запад, преку WBIF аплициравме и за проект на нов 400 kV интерконективен вод Призрен–Тетово–Скопје.
Вештачката интелигенција добива се поголема улога во оптимизацијата на работата на енергетските системи — од подобрени временски прогнози и оптимизација на балансирањето до предиктивно одржување и намалување на загубите. Преку комитетот за истражување и развој на ENTSO-E планираме активно учество во паневропски истражувачки проекти.
Друга приоритетна област е напредокот во интеграцијата на пазарот: очекуваме пазарното поврзување со Грција, Албанија и Косово да биде целосно имплементирано до 2027 година, создавајќи обединет регионален пазар кој ќе ја зголеми флексибилноста и капацитетот за интеграција на обновливи извори на енергија.
5. Една од новините е воведување на батериски системи за складирање енергија. Колкав интерес постои и кога можеме да очекуваме први проекти во оваа област?
-Батериските системи се иднината на стабилното снабдување со електрична енергија. Веќе има конкретен интерес од државни и приватни компании, како и од меѓународни партнери. Новиот Закон за енергетика воведува обврска за складирање струја за новите производители од обновливи извори, како и за државната ЕСМ.
Законот предвидува електроцентралите да инсталираат складишта со моќност 20 проценти од инсталираната моќност и капацитет за минимум два часа циклус на полнење и празнење, што ја гарантира стабилноста на системот при поголем удел на обновливи извори.
Радува големиот интерес на инвеститорите за изградба на засебни батериски системи. Тоа е еден од видливите начини како полесно да се балансира понудата и побарувачката на електрична енергија, а со тоа и нејзината цена. Но ништо од тоа немаше да се случува доколку не ја уредевме, најпрво, законската и институционална рамка.
Во рамките на Годишниот план за развој на енергетскиот систем, меѓу над 200 пристигнати иницијативи има и проекти за посебни батериски капацитети, што покажува дека инвеститорите ја препознаваат важноста и потенцијалот на оваа технологија. Батериските системи ќе обезбедат флексибилност, сигурност и стабилност на енергетскиот систем, особено при осцилации во производството од обновливи извори.
6. Кој е најголемиот ризик за државата ако не се спроведе енергетската транзиција?
-Ако не ја спроведеме енергетската транзиција, ризикуваме да изгубиме сè што досега сме постигнале. Тоа значи зголемена енергетска зависност, нестабилни цени, губење на конкурентноста на нашата економија и, секако, поголемо загадување.
Енергетската транзиција не е само европска агенда – тоа е услов за здрави градови, одржлив раст и безбедна иднина. Доколку ја запоставиме, ќе платиме многу повисока цена – економска, еколошка и социјална.
Нема статус кво, ако не се адаптираме на новите европски политики и правила, тогаш не стагнираме, тогаш одиме назад. Ако навистина сакаме да се интегрираме во Европа, бар да го покажеме тоа на дело, во оној аспект во кој нема да им наштетиме на граѓаните, а ќе им помогнеме да живеат во подобри услови.
7. Законот за енергетска ефикасност е еден од клучните чекори во транзицијата. Каде сме со неговата примена и што ќе донесе тој во пракса?
-За прв пат во Македонија донесовме посебен Закон за енергетска ефикасност – документ што поставува јасни европски стандарди и ја става енергетската ефикасност на прво место во сите политики. Со него започнуваме нова етапа на зелената транзиција – со помала потрошувачка, пониски сметки и поквалитетна енергија.
Законот носи обврска за реконструкција на најмалку 3 отсто од јавните згради секоја година, што значи системски пристап и континуирано подобрување на условите во училиштата, градинките, болниците и административните објекти. Македонија мора постепено да ја обнови и модернизира јавната инфраструктура, а овој процес веќе е започнат.
При изградба или значајна реконструкција на училишта, градинки и други јавни институции ќе се вградуваат сончеви колектори за топла вода, каде што е технички и економски изводливо. Паралелно, се воведуваат сончеви колектори во јавните институции, мерки за финансиска поддршка на енергетски ефикасни проекти, како и дигитална алатка за следење на заштедите и резултатите. Јавните институции ќе бидат обврзани да набавуваат производи, возила и згради со највисоки енергетски и еколошки стандарди.
Сите сертификати за енергетски карактеристики на згради ќе бидат задолжително запишани во Катастарот на недвижности. Локален напредок преку меѓуопштинска соработка општините со помалку од 15.000 жители ќе можат заеднички да развиваат програми за енергетска ефикасност. Само општини со усвоена програма ќе имаат пристап до Фондот за енергетска ефикасност. Ова се само дел од новините што ги носи овој закон. Дополнително во Министерството имаме посебен сектор за енергетска ефикасност чија работа е фокусирана на оваа проблематика.
8. Дали сте подготвени на непопуларни одлуки за да ја заштитите енергетската безбедност на државата?
-Да, секогаш. Непопуларните одлуки често се најодговорните. Мојата должност е да ја заштитам државата и граѓаните, дури и кога тоа значи да се донесат тешки одлуки.
Во енергетиката нема простор за импровизација. Кога е во прашање енергетската безбедност, интересот на државата секогаш мора да биде над сè – над политиката, над притисоците и над поединечните интереси. Пример за Велигденските празници, кога мрежата беше преоптеретена и постоеше ризик од испади поради големата количина енергија што ја акумулираа обновливите извори. За да ја обезбедиме стабилноста и безбедноста на снабдувањето, донесовме непопуларна, но неопходна мерка – привремено исклучување на дел од обновливите извори од мрежата. Оваа одлука беше тешка, но клучна за да се спречат нарушувања и штети, и да се обезбеди непречено снабдување за сите граѓани и институции.
Секако, ние во Министерството континуирано работиме во комуникација со стручни лица и институции. Одлуките не се носат од поединци, одлуките ги носиме заедно врз база на јасни и видливи репери.
9. Објавивте иницијатива за заштита на македонскиот рубин. Што конкретно преземате за заштита и рационално искористување на ова природно богатство?
-Македонскиот рубин е национално богатство – симбол, но и ресурс со значаен економски потенцијал. Денес, за жал, овој редок минерал често се вади неконтролирано и без пријава, бидејќи се појавува како нус-производ при ископ на мермер, без соодветна евиденција или заштита. Токму затоа, ја покренав иницијативата да го заштитиме, регулираме неговото ископување и тргување.
На заеднички состанок со Геолошкиот завод и Заводот за индустриска сопственост беа дефинирани конкретни чекори – од правна анализа и утврдување на критериуми за експлоатација, до подготовка на предлог за официјално признание и заштита.
Целта е рубинот да остане македонски – да се искористува рационално и одговорно, а придобивките да ги чувствуваат граѓаните и локалните заедници. Инаку, е единствен во копнената Европа што рачно се вади и обработува, има карактеристична малиново-розева боја и се наоѓа исклучиво во околината на Прилеп и Мариово.
10. Кои се вашите приоритети во наредниот период? Каде ја гледате државата на енергетската мапа на Балканот во следните пет години?
-Приоритетите остануваат јасни: ред, транспарентност и одговорност во управувањето со енергетските и рударските ресурси. Ќе продолжиме со реформите во системот на концесии, ќе ги финализираме новите модели за инвестирање во обновливи извори, и ќе обезбедиме дека секој денар од државните ресурси завршува таму каде што треба – во корист на граѓаните. Нашата визија е едноставна, но суштинска: сигурен, стабилен и одржлив енергетски систем за идните генерации.
Во следните пет години ја гледам Македонија како стабилен и модерен енергетски центар на регионот. Со силен фокус на обновливи извори, развиена инфраструктура и системи за складирање енергија, државата ќе биде сигурен партнер во регионалните енергетски пазари. Целта е да се намали увозот, но да станеме и нето извозник на електрична енергија Во следните години ја гледам Македонија како стабилен и модерен енергетски центар на регионот. Со силен фокус на обновливи извори, развиена инфраструктура и системи за складирање енергија, државата ќе биде сигурен партнер во регионалните енергетски пазари.
Нашата визија е јасна – повеќе домашно производство, помал увоз, стабилни цени и чиста енергија. Македонија има потенцијал, има стручни луѓе и јасна насока – формула за енергетска иднина на која можеме да бидеме горди.
МИА
фото: Министерство за енергетика