Скопје, еден од најзагадените градови не само во Македонија, туку и во Европа, а често е и високорангирано и на црните светски топ листи на загаденост, денеска ќе биде домаќин на Третата министерска конференција за животна средина и климатска акција во Западен Балкан.
Како што е соопштено, конференцијата ќе се одржи во организација на Советот за регионална соработка (RCC) и Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Македонија, а како што е најавено ќе ја отвори министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки. На Конференцијата ќе учествува и заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, а се очекува присуство на ресорни министри од регионот.
Кога станува збор за проблемот за загадување, неспорно е дека актуелната власт одржува доволно дебати, воркшопови, семинари, работилници… за чистење на воздухот, но од сето тоа во практика имаме загаден воздух и исклучени мерни станици, кои придонесуваат колку-толку да се „ублажи“ атмосферата со загадувањето. Граѓаните да не паничат поради тоа што дишат загаден воздух, кој и според официјални бројки е причина за полнење на амбулантите, но и за голем број смртни случаи.
Деновиве слушнавме дека мерните станици биле стари, а замена на опремата чинела скапо. Но, ни воркошоповите, дебатите за воздухот, конференциите против загадувањето не се без пари. Затоа можеби е добро да се штеди на дебати, а да се удри против загадувањето во практика. И од заштедените пари за организирање дебати за воздухот, ако неможе да се исчисти, барем да се набават потребните апарати во мерните станици каде што „се во дефект“, да знаат граѓаните колку е загаден воздухот „за живот“ на сите.
Реакција на оваа тема денеска има и од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, од каде што соопштија дека Македонија го доби досега најголемиот буџет во историјата, во кој не се „расфрлаат“ пари за поквалитетен воздух.
– Најрасипничкиот и мегаломански буџет во историјата на Република Македонија предвидува повеќе пари за луксузни автомобили и мебел наместо за подобрување на квалитетот на воздухот. Високото ниво на загаденост на воздухот во последните неколку недели неколкукратно ги надминува границите на дозволеното. Скопје е меѓу најзагадените градови во светот, а Зоран Заев и Петре Шилегов не преземаат ништо. Власта која ветуваше решавање на проблемот со загадувањето на воздухот повеќе од две години нема преземено ниту една мерка во насока на подобрување на квалитетот на воздухот. Напротив, Шилегов наместо да работи за граѓаните организира стенд ап настапи за исмевање на сопствената неработа, се вели во соопштението.
Од опозицијата предупредуваат дека „загадениот воздух веќе ги полни болниците, а најпогодени се малите деца, бремените жени, возрасните над 65 години и хронично болните“.
– Високото ниво на канцерогените ПМ 10 предизвикува големи проблеми со кардиоваскуларните и респираторните органи. Заев и Шилегов ги излажаа граѓаните. Ветуваа чист воздух веднаш, а поминаа две години и ништо не е преземено. Наместо повеќе пари за животната средина, власта со буџетот за 2019 година ќе потроши 7 милиони евра за луксузни автомобили и мебел. СДСМ потроши половина од нивниот мандат без да преземат било што во насока на подобрување на квалитетот на воздухот, реагира опозицијата.
Никој не спори дека треба состаноци и конференеции за почист воздух, но само со работилници и семинари. тој не се прочистува. На граѓаните им е потребно помалку дебати, а повеќе пари и повеќе практика за поквалитетен воздух.