Во знак на хуманоста и поддршката за здравствените работници во секојдневната борба со COVID 19 (корона вирус), корисниците во Домот за стари лица „Мајка Терза’’, во рамки на социјални и општокорисни работи изработија 100 заштитни маски од 100 проценти памук LUX RANFORCE.
Овие заштитни маски во соработка со Црвениот Крст на Град Скопје ќе бидат донирани на вработените во Дебарската болница.
Материјалите за работа се обезбедени од лични средства на вработените и ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември’’- Скопје, во чии рамки функционира домот.
Соочени со новонастанатата состојба во нашата држава и појавата на коронавирусот како светска пандемија, како што посочуваат, голем број од активностите и настаните кои се предвидени за оваа година, си ги одложиле и максимално ги почитуваат препораките од Министерството за здравство и МТСП.
– Сепак, од страна на нас вработените, со наши лични средства , но и со една голема и хумана мисла сосема спонтано се изроди идејата за изработка на заштитни маски, која корисниците, кои се дел од работно-терапевтската секција во Домот веднаш и без размислување ја прифатија и парцијално, како и без ризични групирања изработија 100 заштитни маски од 100 проценти памук LUX RANFORCЕ, информираат ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември’’- Скопје.
Инаку, во Домот за стари лица „Мајка Тереза“ се сместени стари лица, корисници на социјална заштита. Секојдневно функционираат голем број активности и настани, а се во рамки на културните и работно – рекреативните дејности, се со цел за активен живот и стареење во третата доба, збогатувајќи го максимално социјалниот живот.