По информациите дека Апелацискиот суд во Кожани донел одлука со која се поништува неговата регистрација, активистите најавуваат дека ќе ги искористат сите правни средства и ќе се жалат и до грчкиот Врховен суд и Судот за човекови права во Стразбур. Од Центарот во Лерин за Канал5 велат дека пресуда има, но тие се уште официјално ја немаат добиено и нема да ја коментираат се додека детално не ја прочитаат. Додаваат дека поминале долга правна битка за да ја добијат дозволата за легитимно работење на Центарот за македонски јазик и од своите цели не се откажуваат.
-Борбата продолжува и ќе ја обжалиме одлуката на Апелацискиот суд во Кожани во Врховниот суд во Грција, а потоа и во Стразбур, во Судот за човекови права, велат од Центарот.
Според професорот од Институтот за национална историја Димитар Љоровски Вамваковски Македонија со Преспанскиот договор како држава се има откажано од македонското етничко малцинство во Грција и официјално не може да реагира за ова прашање. Тој низ призмата на оваа одредба има став дека Преспанскиот договор ја обврзувал Грција да признае македонски идентитет и македонски јазик единствено на територијата на Македонија, но не и на нејзината територија. Смета дека Македонците во Грција мора преку правните инстанци и Судот за човекови права да се изборат да им биде признат идентитетот и јазикот таму.
– И самото признавање на македонската етничка заедница во Грција како малцинска група доаѓа до признавање на македонскиот јазик. Затоа јас го поврзав тоа дека Преспанскиот може да помогне на Македонците во Грција да се изборат. Јас не велам само преку грчките правосудни органи, туку тоа ќе треба да ги поминат овие инстанци, првостепен, второстепен и Врховен суд, па потоа да се оди во Стразбур и се надевам и мислам дека во Стразбур тие ќе успеат да го добијат овој случај, изјави Љоровски за Канал 5.
Центарот за македонски јазик беше регистриран во Лерин пред две години и беше првата организација која директно се грижи за македонскиот јазик. Ваквиот чекор тогаш беше поздравен и протолкуван како признавање на македонскиот јазик од Грција.