Треба да се избегне ескалација на Блискиот Исток и да не се дозволи ситуацијата да стане „експлозивна“, предупреди шефот на европската дипломатија Жозеп Борел по вчерашните американски напади во Сирија и Ирак.

– Сите треба да се обидат да избегнат ситуацијата да стане експлозивна, изјави денеска Борел на прашање за американските напади, пред почетокот на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел.

Зборувајќи за ситуацијата во Газа, јужниот дел на Либан и ударите во Ирак и Сирија, Борел предупреди на ризикот од ескалација.

– Блискиот Исток е жариште што може да експлодира. Затоа ги повикуваме сите да избегнуваат ескалација, рече Борел.

САД вчера објавија дека „успешно“ извршиле одмазднички напади против елитните ирански сили и проиранските групи во Ирак и Сирија, а американскиот претседател Џо Бајден предупреди дека нападите ќе продолжат.

Белата куќа повтори дека не сака војна со Иран, но оти ќе реагира во секое време и на секое место каде што ќе бидат загрозени американските сили и интереси.

Американската војска синоќа започна воздушни напади врз десетици локации во Ирак и Сирија што ги користат проиранските милиции, како одмазда за нападот со беспилотно летало врз американската база во близина на јорданско-сириската граница, во кој загинаа тројца војници на САД.

Американскиот претседател Џо Бајден најави дека САД ќе возвратата, навестувајќи дека тоа нема да биде само еден удар, туку „слоевит одговор“ кој ќе трае подолго.

Фото: МИА архива