Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, во интервју објавено денеска за шпанскиот весник „Периодико“ уверува дека ЕУ не сака Русија да биде „уништена“.
„Ние не ја поддржуваме Украина за да постигнеме политички промени во Русија и, искрено, не сакаме Русија да биде уништена“, изјави Борел.
Според него, не сите европски земји имаат ист став кон конфликтот.
„Постои страна која е скептична за последиците од санкциите, која смета дека тие не функционираат и не требаше да бидат наметнати затоа што на тој начин си пукавме во нога. Јас не ја споделувам таа анализа, туку таа страна гласа за сите предложени санкции. Таа е скептична, не верува во нив, но не го нарушува единството“, истакна Борел.
Првиот дипломат на ЕУ не исклучи дека пристапот на заедницата кон ситуацијата во Украина е „премногу постепен“.
„Би било подобро, наместо тримесечни дискусии за тоа дали да се испратат или не тенковите Леопард, да ги испративме порано“, смета тој. „Русија може да произведува (оружје) и има многу поголеми залихи од она што го имаме и кое брзо се искористува“, рече тој.
„Ќе произведеме повеќе (муниција), но додека трае производството, дајте и на Украина тоа што го имаме“, изјави Борел.