Со менувањето на Уставот и со пристапувањето во ЕУ, македонскиот идентитет нема да се загуби, порача високиот претставик на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел при посетата во Скопје.

Тој рече дека освен што е оптимист дека ќе се донесат уставните измени, сега е и активист кој работи на тоа Македонија да влезе набрзо во ЕУ.

– С. Македонија се обврза дека ќе го измени својот Устав и во него ќе ги вклучи граѓаните кои живеат во државата. Ништо не е чудно, во Хрватска живеат 22 заедници и сите се во Уставот. Вие сте пример за мултиетничко општество и со промената на Уставот ќе се унапредат основните права на заедниците. Не се сомневам дека со тоа ќе се зачува македонскиот идентитет и истовремено ќе се напредне процесот на пристапување. Вие не си го загрозувате вашиот идентитет со пристапувањето во ЕУ. Вашиот ќе биде зачуван во ЕУ бидејќи луѓето имаат и неколку идентитети. Немате да бидете помалку од тоа што сте, само затоа што ќе станете членка на ЕУ, рече Борел.