Шефот на европската дипломатија Жосеп Борел изјави денеска дека постои „борба на наративи“ на Западен Балкан и дека, на пример, билборди може да се видат на улиците на Белград, со благодарност само за Кина од Србија за борбата со коронавирусот.
– Чудно е што никогаш не сум видел билборд со благодарност за ЕУ за помошта. А, ние им пруживме голема помош на Србија и на другите земји од Западен Балкан и пред и за време на кризата, рече Борел. Тој нагласи дека европската помош и посветеност не биле доволно земени предвид, додека помошта на Кина се смета за многу поважна.
Тој додаде на заедничка онлајн седница на неколку комисии на ЕП, дека Балканот нема да биде стабилен без јасна европска перспектива.
– За да ја добијат, тие држави треба да работат за надминување на различностите какви што видовме меѓу Белград и Приштина. Можеме да предлагаме решенија, но не можеме да ја завршиме нивната работа, појасни тој.