Косовскиот вршител на должноста премиер Албин Курти го нарече гласањето за недоверба во неговата влада „пуч“, тврдејќи дека специјалниот пратеник на САД, Ричард Гренел е „тесно вклучен“ во тоа, јави Бета.

За време на онлајн конференцијата со неколку меѓународни медиуми чиј домаќин беше виенскиот „Presseclub Concordia“, Курти изјави дека „Гренел бара итен договор со Србија што ќе вклучува и размена на територии“.

Тој рече дека „Гренел го киднапирал целиот процес на дијалог“, додека, според Курти, каков било договор со Србија треба да го потврди народот на Косово.

Курти рече дека разговорите за територијална размена започнале во канцелариите на претседателите на Косово и на Србија во време на посредување на високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини. Според него, „Гренел ја презел идејата и продолжи да врши притисок врз блокот предводен од Курти за да се согласи и да го прифати решението “.

Курти пред меѓународните медиуми многу јасно кажа дека сака договор со Србија „но без географски карти“. Тој додаде дека „Тачи сакал да воведе вонредна состојба, да ја изведе војската на улица, да предизвика инциденти и со тоа да отвори пат за итен договор за размена на територии на кој би му недостигала демократска контрола“.