Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел, на заедничка прес-конференција со министерот за надворешни работи Бујар Османи во Брисел, го осуди нападот на Христијан Пендиков во Охрид, но и изјавите на „националистичките политичари“ во кои има говор на омраза и насилство.

Борел рече дека е среќен што процесот на преговори тече, но секогаш е загрижен кога има непотребни тешкотии.

– Неодамна видовме ескалација на тензиите помеѓу С. Македонија и Бугарија, со инциденти и провокации. Го осудуваме нападот во Охрид на истиот начин како што направија и властите во Скопје. Сигурен сум од изјавите на вашите власти дека одговорните ќе бидат изведени пред лицето на правдата. Во исто време слушаме неприфатливи изјави од националистички политичари кои внесуваат омраза и имплицираат насилство. Ова само може да ги ескалира тензиите и не придонесува за атмосфера на добрососедство и добри односи, рече Борел, без да наведе на кои политичари мисли.

Тој остро го осуди промовирањето на насилството и порача дека клучно е да се работи заедно и да решаваат проблемите преку дијалог.

– Клучно е работејќи заедно да промовираме атмосфера на дијалог и заедничка почит. Ова е европскиот начин и основата на која е изградена ЕУ, рече Борел.
Тој нагласи дека „во ситуација каква што имаме денес со војната во Украина и обиди за редефинирање на европската безбедност мора да има мир и добрососедство“.

Покрај за преговарачкиот процес и за односите со Бугарија, на прес-конференцијата тој зборуваше и за претседавањето на Македонија со ОБСЕ. Ова тело, рече Борел, е најважното кое се занимава со прашањата на европската безбедност која во ситуација каква што имаме денес е високо на агендата.

– Организацијата се соочува со криза без преседан предизвикана од руската неиспровоцирана нелегална агресија во Украина. Иако Русија е членка на ОБСЕ покажа целосна непочит на принципите на Организацијата, рече Борел прозивајќи ја Русија дека секоја недела прави опструкции на дискусиите и го блокира носењето на потребните одлуки.

Како земја-претседавач со ОБСЕ, според него, Македонија ќе има многу работа.

– Министерот Османи има тешка задача да ја води организацијата во овие тешки времиња. Вие и вашиот тим ќе имате целосна поддршка од ЕУ, рече Борел.