Нов референдум за Брегзит би предизвикал бес кај Британците, изјави Борис Џонсон, поранешниот шеф на британската дипломатија и заговорник за истапување на Британија од ЕУ.
Ги критикуваше, како што ги нарече, “копилињата кои ја водат Европа“.
-Мислам дека тоа не е можно. Мислам дека бесот би бил преголем, како и заморот. Луѓето беа целосно бесни поради идејата повторно да се гласа за тоа,– изјави Џонсон на конференцијата во Њу Делхи.
Тој навел дека кампањата за референдумот во 2016 година била “многу остра“ и оти длабоко ја поделила земјата, а повторното гласање би го имало истиот ефект.
Џонсон минатата година ја напушти владата на Тереза Меј во знак на протест поради нејзиниот план за договор со ЕУ, со кој се предвидува останување на Велика Британија во царинската унија преку таканаречениот “бекстоп“, се додека не се реши прашањето за границата меѓу Ирска и Северна Ирска.
Британскиот парламент во меѓувреме го отфрли тој договор и британската премиерка се наоѓа во средиштето на политичка бура додека се приближува 29 март, предвидениот датум за Брегзит.
-Брегзит треба да се изврши чисто и нашата премиерка треба да заврши со “бекстопот“ на начин тоа да и одговара на Велика Британија, изјавил Џонсон.
Тој исто така ги отфрлил наводите дека Брегзит е “ксенофобичен, националистички и реакционарен феномен“.
-Мојата замерка до ЕУ не е тоа што ја водат странци. Проблемот е што не знаеме всушност кој ја води. Би ми било невозможно да ви кажам кој се тие, што работат, како дошле на функциите или како е можно да се сменат, навел тој.
Поранешниот шеф на британската дипломатија потоа изјави дека “нема идеја како да ги отпушти тие копилиња“, но брзо се исправи.
-Нема да кажам дека тие се копилиња. Но милиони и милиони луѓе во Велика Британија не знаат како тој систем функционира. Тоа е целосно непознато, навел тој.