Пред да замине на самитот во Брисел, британскиот премиер Борис Џонсон гостуваше во британското радио, каде рече дека рускиот претседател Владимир Путин веќе ја преминал црвената линија.
Тој ја коментираше и можноста за воведување санкции за резервите на злато на Русија.
– Целиот свет сега знае дека украинскиот народ ќе се бори за својата земја. Тие веруваат во својата земја. Ја сакаат својата земја и ќе ја бранат до крај. Тоа беше нешто што навистина не го знаевме пред еден месец. Сега е целосно јасно. Тоа ја смени геополитиката. Ова значи дека имаме должност да им помогнеме. Имаме должност да им помогнеме да се заштитат себеси и своите најблиски, рече Џонсон.
Тој додаде дека Велика Британија повторно ја засилува својата помош и покрај досегашните 4.000 противтенковски оружја, ќе испрати „многу повеќе во следните неколку дена, уште 6.000 проектили и повеќе“.
– И она што ќе го кажам денес е дека Путин веќе го премина прагот на варварството во начинот на кој се однесува. Луѓето зборуваат за нови црвени линии за хемиско, биолошко, тактичко нуклеарно оружје или што и да е. За мене црвената линија е веќе помината. Бомбардира, неселективно, цивилни центри. Предизвикува огромен број жртви во сосема невини популации, рече Џонсон и нагласи: Мора да направиме повеќе.
Скај њуз го пренесува истото интервју, но истакнува дека Џонсон го споредил украинскиот претседател Володимир Зеленски со неговиот политички херој Винстон Черчил.
– Мислам дека претседателот Зеленски се покажа како многу извонреден лидер на својот народ – тој го обедини и беше неговиот глас, рече тој.
– Тој знае, како што рече Черчил за себе, дека можеби не бил лав, но ја имаше привилегијата да рика. Украинскиот народ беше лав, а Зеленски ја изрази неговата волја и нивното чувство на пркос, рече Џонсон.