Премиерот на Бугарија Бојко Борисов побара од Македонија да се откаже од „антибугарската реторика“ ако сака да оди напред и притоа да ја има поддршката од неговата земја.
– Антибугарската реторика што тие ја користат треба не само да биде забранета, туку мораат да бидат убедени дека таа не е вистинита. Не им реков случајно дека, кога некој од нив вели оти Бугарија е фашистички окупатор, тогаш тоа во Бугарија значи дека ние не треба да им помагаме на никаков начин. Не сме биле окупатор на никого и не треба да се менува историјата. Фашизмот ја зафатил тогаш цела Европа и да ѝ биде лепена таква етикета на Бугарија никогаш нема да допуштам. Како и, се разбира, за читањето на историјата. Читањето на историјата е такво какво што го кажале историчарите и какво што ние со векови сме го прифатиле. Големи бугарски градови се викаат Гоце Делчев, Сандански, така што компромиси за такви нешта нема. Ако сакаат да одат напред, јасни се европските перспективи, јасни се вредностите, изјави Борисов во Загреб.
Тој на Фејсбук објави видео од средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на маргините од самитот на Европските народни партии.