Русија нема ништо против да има втора точка за влез на гас од Русија преку „Турски тек“ за Бугарија, изјави бугарскиот премиер Бојко Борисов по средбата со рускиот претседател Владимир Путин во Кремљ.

Тој додаде дека за време на разговорите, рускиот претседател Путин го информирал дека вчера телефонски разговарал со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган дека нема ништо против „Турскиот тек“ да влезе на територијата на Бугарија.

Борисов прецизира дека допрва ќе се водат преговори за количеството гас и како да се транспортира во земјите во регионот.

– Врз основа на тоа количество руски гас, кој во моментов влегува на територијата на Русија преку Украина за Бугарија, кога ќе се додаде и гасот од „Турскиот тек“, ќе изнесува околу 34-35 милијарди кубни метри, проценува Борисов.

Рускиот претседател Путин рече дека првиот гасовод на „Турски тек“ е целосно подготвен на дното на Црно Море, додека од вториот остануваат околу 200 километри да се изградат на територијата на Турција. Сепак, тој ја потврди можноста „Турскиот тек“ да влезе на територијата на Бугарија.

– Затоа, сè што разговаравме е реално и може да се случи во блиска иднина, рече Путин. Тој додаде дека треба да се преговара за обем, цени и други прашања на таа тема.

Путин истакна дека Русија е сигурен снабдувач на енергетски ресурси за Бугарија и дека во моментов 100 отсто ги задоволува потребите на бугарскиот пазар.