Комисијата за надворешна политика на Народното собрание на Бугарија денеска ја усвои декларацијата за односите со Македонија, предложена од крајнодесничарската партија „Преродба“, пренесува БТА.
Партиите застапени во парламентот најдоа консензус и се обединија околу текстот на декларацијата, која со мали амандмански корекции е едногласно усвоена во комисијата.
Повод за вонредниот состанок и усвојувањето на декларацијата, како што се наведува, „се низата антибугарски изјави на водечките политичари во РС Македонија, кои имаат за цел да ги минираат билатералните односи и да ја претстават Бугарија во лошо светло пред европските партнери“, како и „одбивањето на РСМ да ги исполни условите предвидени во преговарачката рамка, што ќе и овозможи на земјата да започне вистински процес на преговори за европска интеграција“.
Претседателот на Комисијата за надворешна политика и лидер на ГЕРБ Бојко Борисов, најави дека декларацијата денеска ќе биде усвоена од Народното собрание на Бугарија на пленарна седница.
– Најважното што го даваме како знак е дека бугарските политичари, бугарската држава, сите партии се обединети кога е во прашање добрососедството меѓу двете земји и секој што ќе го прекрши треба да си сноси одговорност, изјави Борисов.
Фото: МИА архива