Како што појасни за МИА, Наташа Бошкова од Коалицијата „Маргини“, правен и адвокатски застапник на лицата од оваа заедница, во новиот закон првпат и сексуалната дискриминација и родовиот идентитет се воведуват како основи за дискриминација, што не е случај со постоечкиот закон кој ги штити и правата на останатите дискриминирани заедници.
-Во постоечкиот закон овие основи не се препознаени и во таа смисла немаме ни судска пракса во однос на заштита на луѓето од дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, појасни Бошкова.
Таа посочи дека Македонија е единствена држава во регионот и Европа каде нема закон со кој се забранува дискриминацијата со експлицитно спомнување на сексуалната ориентација и родовиот идентитет. Воедно потсети дека тоа е и еден од критериумите за влез на земјата во Европската унија.
Бошкова, потенцира дека Македонија за жал се уште е на дното на листата на земји во светот со минимално обезбедување на човековите права на лицата од ЛГБТ заедницата.
Коалицијата „Маргини“ правно го застапуваше лицето „Икс“ пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, кој во јануари годинава пресуди во корист на трансродовото лице кое ја тужеше Македонија поради повреда на правото на приватност и за неефикасен правен лек во земјата.
Судот изрече казна од девет илјади евра нематеријална штета кои државата треба да му ги исплати за претрпениот стрес.
-Овој случај е многу важен бидејќи е прв по ова прашање, со кој судот во Стразбур укажа на недостаток на законска рамка во Македонија. Очекуваме дека државата итно ќе ја спроведе оваа пресудата на Европскиот суд за човекови права, а со тоа ќе го реши и прашањето на другите вакви и слични случаи кои со години чекаат заглавени во лавиринтот на домашните судови, потенцира Бошкова.
Таа посочи дека државата треба да донесе и закон со кој ќе им се овозможи на трансродовите лица да ги менуваат податоците во Матичната евиденција на нивно барање.