Постапката за назначување на директор на Националниот парк „Галичица“ е целосно запазена, изјави денеска владиниот портпарол Миле Бошњаковски.
– Се работи за в.д. директор кој претходно беше поставен, што значи вршител на должност. Одлуката е донесена на минатата владина седница во петокот, рече Бошњаковски по редовната прес-конференција што секоја среда се одржува во Владата.
Неколку невладини организации денеска писмено реагираа на владината одлука за смена на в.д. директорот на НП „Галичица“, Андон Бојаџи и назначувањето на Васко Паскали на негово место. Според нив, не е запазена законската постапка за избор на нов директор. Бараат од Владата да ја ревидира одлуката и со вакви позиции да раководат луѓе кои се стручни во својата област.