Дарко Јаневски
Раѓањето на Исус е опишано само во две од четирите евангелија во Новиот завет – тоа по Матеј и тоа по Лука. Подоцна, очигледно поради потребата да се дообјаснат некои работи кои ги мачеле христијаните во првите години по Исус или се чинело дека се нејасни и недокажани, напишано е Протоевангелието по Јаков, кое треба да упати на тоа дека него го напишал братот на Исус.
Тука, за прв пат ги среќаваме и имињата на родителите на Марија, Јоаким и Ана, опишана е смртта на таткото на Јован Крстител, Захарие, како и раѓањето на Исус во пештерата. Оттука, „од текстот потпишан со „Јас Јаков…“ иако научниците се далеку од тоа да помислат дека еден од најголемите скептици за време на животот на Исус, неговиот брат, навистина го напишал Протоевангелието, заедно со тие крстени „по Матеј“ и „по Лука“, произлегуваат сите легенди и сцени кои денес ги гледаме секој Божик. Сцени за малото бебе кое лежи во јасли (Лука), а овчари (Лука) и мудреци (Матеј) му се поклонуваат во пештера (Јаков). Ете ја целината на денешните орнаменти. Во библиските евангелија, како што рековме, не се споменува ниту пештера, ниту штала, туку само се наведува дека новороденето бебе било сместено во јасли (сад во кој се става храна за добитокот) бидејќи за Јосиф и Марија немало место во гостилница.
Проф. д-р Ратомир Гроздановски смета дека дека не е грешка ако се каже дека Исус се родил во пештера, ниту пак во штала, зашто во тоа време луѓето често ги прилагодувале природните пештери во објекти за чување на добитокот, па оттука можно е Исус да бил роден во пештера, која, со оглед на тоа што се користела како штала, имала и јасли.
Но, да се вратиме на библиските евангелија за раѓањето на Исус. Проблемот настанува во големите разлики кои се јавуваат во двете приказни, па прашање е која од нив е вистината. А ако едната не е вистинита, тогаш зошто би била вистинита таа другата? Односно, можно ли е двете да се неточни? И, ако една приказна е невистината, зошто би бил вистинит другиот дел од Евангелието?
Ниту еден сериозен научник не ја спори вистинитоста на фактот дека Исус се родил. Неговото постоење е утврдено и со историски податоци, и тука немаат дилема ниту најголемите скептици. Но, не е така со останатиот дел од двете приказни во кои како што рековме има големи и за многумина непомирливи разлики. Како што вели Барт Ерман, еден од најголемите авторитети кога станува збор за историската веродостојност на Новиот завет, ако двете приказни се вистинити, тогаш, кога ќе ги споите тие би требало да даваат една целина.
Наспроти тоа, ако од приказните за раѓањето на Исус кај Матеј и Лука направите една, тие едноставно ќе се уништат меѓу себе. Нема да постојат. Ќе се распарчат.
Така, на пример, кај Матеј, Исус се раѓа, ѕвезда се појавува и ги води мудреците, тие доаѓаат во Ерусалим, Ирод ги испраќа во Витлеем зашто неговите пророци му велат дека таму се родил идниот цар, и бара од нив да се вратат и да му кажат каде го нашле детето.
Потоа, ѕвездата која ја снемало кога мудреците дошле во Ерусалим, на чудесен начин одново се појавува, и ги води, не до пештера или штала туку до куќата во која се наоѓа малечкото (кај Матеј не се споменува градот, односно селото во кое е наоѓа таа куќа).
Потоа мудреците му се поклонуваат, го даруваат (бидејќи се три дарови, се смета дека биле тројца мудреци), и си заминуваат во спротивен правец, не враќајќи се кај Ирод. Кога Ирод дознава за тоа, наредува да се убијат сите деца во Витлеем до две години (оттука се изведува заклучокот дека Исус е роден меѓу 4 година пред н.е кога Ирод умрел и 6 година пред н.е.) а, ангел ги предупредува Јосиф и Марија и тие бегаат во Египет. Се враќаат по смртта на Ирод и се населуваат во Назарет, бидејќи во опасност се и од наследникот на Ирод.
Приказната кај Лука е поинаква. Нема мудреци, нема ѕвезда, нема бегство во Египет – настани кои не би можеле да останат незабележани од било кој, кој пишува за раѓањето на Исус. Тука, се започнува со пописот во Сирија во време на гувернерот Квириниј, поради што Јосиф, бидејќи е од лозата на Давид, мора да се врати во Витлеем (замислете попис при кој секој се враќа во местото од кое потекнува неговиот предок од пред 1000 години). За нив нема место во гостилницата, па се сместуваат на друго место, а Лука не вели каде. Зошто? Затоа што не знаел? Самиот вели дека седнал да ги опише настаните откако се подробно испитал. Затоа што му било незгодно дека Исус се родил во штала? Па, зар не е во тоа поентата врз која е поставен светот создаден од Бога за мнозинството луѓе? (не дека ќе се родат во штала, но ако Божјиот син е таму роден, не плачете вие кои сте сиромашни, бедни…итн). Која е причината тогаш што Лука не кажуваат каде е роден Исус?
Како и да е, тоа што знаеме е дека во тоа место има јасли, а во Протоевангелието на Јаков се вели дека е пештера. Марија се породува, ангел ги известува овчарите и тие, а не мудреците доаѓаат да му се поклонат на Исус (што е и нормално, бидејќи мудреците не би можеле да стигнат истата вечер).
Потоа, по времето потребно за очистување на мајката (според некои научници како Ерман тој период е 32 дена, според нашите сфаќања станува збор за 40 дена, па оттука и денес важи верувањето дека мајките и бебињата од домот можат да излезат дури по 40-тиот ден), го носат Исус на претставување пред Бога во храмот во Ерусалим. После тоа, „се враќаат во Назарет“, а Евангелието по Лука вели дека родителите секоја наредна година го носеле Исус во храмот во Ерусалим.
Значи, тука нема бегство во Египет (го нема ни кај Јаков, туку Марија предупредена од ангелот само го става Исус во воловска кола и бега со него без да се каже каде, а со малиот Јован кој е шест месеци постар бега и мајка му Елисавета и нив ангелот ги сокрива во планина), нема колеж на бебињата од Витлеем, нема ништо што има кај Матеј. Освен едно – дека Исус се родил.
Тоа што ги вознемерува научниците кај Матеј се неколку податоци: на пример, фактот дека не може да се докаже една прилично убава и топла приказна – таа со ѕвездата. Не постои начин да се докаже било каква историска веродостојност дека некаква волшебна ѕвезда ги водела мудреците, исчезнала кога тие дошле во Ерусалим, потоа пак се појавила и застанала точно над куќата во која се наоѓа Исус. Можете да најдете објаснување дека не станува збор за ѕвезда, туку за ангел, но се разбира, тоа повторно спаѓа во доменот на верувањето, а не во сферата на историската веродостојност. Гледано од теолошки аспект, во крајна линија што е битно сето ова, нели, битно е дека Исус се родил, но, луѓето сакаат макар мала историска веродстојност на описите, за да можат поцврсто да ја изградат нивната верба во се останато што стои во евангелијата, а има прилично неверојатно нешта (хранење на пет илјади луѓе со само некоклу риби, одење по вода, лечење со допир на раката или само со сенката… па се до воскреснувањето во физичка, а не само во духовна смисла). И тука настанува спорот меѓу научниците кои веруваат, како на пример д-р Карл Блумберг или тие кои освен верба бараат и по некој доказ и се класифицираат како луѓе кои не веруваат, како споменатиот Ерман.
Понатаму, од редоследот на настаните кај Матеј, сфаќате дека мудреците отишле во Витлеем (помислувате дека во меѓувреме се ослободило место па бебето и родителите се сместиле во куќата над која застанува ѕвездата) и потоа побегнале во Египет.
Но, ако тоа е така, тогаш ова не се вклопува со приказната на Лука дека по 32 или 40 дена Јосиф и Марија го однеле бебето во Ерусалим, а оттаму, се вратиле во Назарет. Значи тука нема бегство во Египет, а ако нема бегство во Египет, нема ни масакр на децата. Па прашањето само се наметнува: каде заминале Јосиф, Марија и Исус од Витлеем – во Египет (Матеј) или во Ерусалим (Лука)? Всушност, тука паѓа целата приказна на Матеј (покрај ѕвездата, масакрот, мудреците итн). Или пак таа на Лука која почнува со попис во време на гувернер кој владеел со Сирија најмалку десет години по раѓањето на Исус. А пописот е потребен за да оправда одењето на Јосиф во Витлеем, што пак е потребно за да оствари пророштвото од Стариот завет, со тоа што има нов проблем – попис (Лука) во двете години пред смртта на Ирод (Матеј) – нема!
Но, да се вратиме на дилемата за тоа каде побегнале односно заминале родителите и Исус од Витлеем – во Ерусалим или Египет. Единствена можност двете патувања да се точни е ако прифатите дека по одењето од Витлеем во Ерусалим, тројцаѕта се враќаат во Назарет (Лука), мудреците тука го посетуваат бебето во куќа над која застанла ѕвездата (Матеј), и оттука е бегството во Египет.
Па, откако Ирод умрел во болки, изеден од црви и со распадното тело, се населуваат во Назарет (Матеј не вели дека се враќаат во Назарет како Лука, туку се „населуваат“) за да се исполни пророштвото.
Евангелистот и апостол Матеј
Но, ваквиот редослед на настаните, обидот да се спојат двете приказни за да се добие една, би значел дека убиството на децата во Витлеем е обична грешка на Ирод, односно дека тој би ги убил децата на Назарет, а не во Витлеем, да знаел каде навистина отишле мудреците.
Обидот за оваа еклеткика станува лесно соборлив ако се постават две прашања за кои се нема одговор: зошто Бог дозволил бебиња да страдаат при раѓањето на Божјиот син и, ако ѕвезда ги водела мудреците до бебето, зар за Ирод не било поедноставно и неговите шпиони да ја следат таа ѕвезда, наместо да чека мудреците да му кажат каде е бебето и да направи грешка? Или, таа ѕвезда ја гледале само мудреците?
Последниот аргумент кој ги урива приказните е дека не постои историски податок дека масакрот на децата до две години во Витлеем се случил. За такво нешто нема ниту еден единствен запис.
Оттука, се чини, аргументите на тие кои не негираат дека Исус постоел, но кои сметаат дека приказните за неговото раѓање во евангелијата не целосно вистинити, се прилично цврсти. Всушност, има повеќе докази врз основа на кои може да се верува во воскреснувањето, отколку во двете (или трите, ако ја прифатите и таа според Јаков) приказни за раѓањето. Што велат тие кои ја негираат негацијата на Матеј и Лука? Во наредните продолженија.