Во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје денеска се одржа утринска божикна литургија по повод големиот христијански празник Рожденството Христово – Божик.
Со литургијата чиноначалствуваше поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија г.г. Стефан во придружба на свештенослужители на МПЦ-ОА.
Во божикната порака, на верниците им посака да се сакаат еден со друг, а оваа година да биде време на победа над злото и непријателството и време кога ќе заврши страдањето од подмолната болест.
– Ова е време кога посебно се испитува нашата вера. Животот на народите, и покрај сите постигнувања, станува се потежок и понеизвесен. Живееме во време со многу кризи на економски, политички, социјален, образовен, здравствен, и особено на морален план. Во светот се повеќе има човечки трагедии и страдања, се повеќе царуваат самољубието, бесчувстителноста, жестокоста, лицемерието, зависта, горделивоста, а љубовта е се повеќе заменета со омраза и доброто со зло, а тоа е така бидејќи се помалку го имаме пристапот кон животот, а и на другите не го правиме она што сакаме другите нам да ни го прават. Затоа и не можеме да ја разбереме целта на човековиот живот и неговата смисла, ниту пак можеме да го најдеме патот до спасението, затоа што се оддалечивме од Бога, и едни од други, порача г.г. Стефан.
Пандемијата, како што истакна, ни докажа колку човекот е немоќен и покрај сета своја самоувереност и сите свои достигнувања и знаења.
– Но, најстрашната пандемија на денешницата е што луѓето заборавија да веруваат во Бога и да ги љубат ближните, а покајанието е најдобриот лек против сите болести на телото и на душата, рече поглаварот на МПЦ-ОА.
Констатирајќи дека и во 21 век за жал продолжува оспорувањето на националното самоопределување и непочитување на човековите права и слободи, поглаварот на МПЦ-ОА порача дека македонскиот народ пред никого и за ништо не треба да отстапува.
– Некои заборавија дека само она што се потпира врз вистината и правдата, дека само тоа што се создава во мир и со љубов, само тоа останува да живее во времето. Сегашнноста и иднината не можеле и не можат да создадат минато или по нечија желба да го менуваат истото. Само луѓето и народите поучени од минатото може да се менуваат и да се поправаат за лошото да не се повтори, а историјата ни сведочи дека се што се потпира на сила и невистина, кога тогаш му доаѓа крајот. Затоа како македонски народ пред никого и за ништо да не отстапуваме, истакна г.г. Стефан.
Рожденството Христово – Божик денеска со утрински литургии се одбележа и во останатите храмови на Македонската православна црква.
фото: Дарко Попов