Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари средба со заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Чешката Република, Петр Мацинка, кој престојува во официјална посета на Македонија.

Енергетиката, инвестициите и примената на современи технологии беа во фокусот на средбата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, со заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Чешката Република, Петр Мацинка.

На средбата беше потврдена одличната и континуирана соработка меѓу Македонија и Чешката Република, со заедничка оценка дека постои значителен простор за нејзино натамошно продлабочување, особено во енергетскиот сектор.

Во разговорот посебно внимание беше посветено на можностите за чешки инвестиции и поголемо присуство на чешки компании во Македонија, како и на размената на експертиза и технологии во области од стратешко значење – енергетска инфраструктура, обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност и модернизација на енергетските системи.

„Чешка е наш докажан и значаен партнер. Имаме одлична соработка и воспоставени канали на комуникација, а сега целта е да направиме уште еден чекор напред – од размена на искуства кон конкретни проекти, инвестиции и технолошки партнерства. Македонија има голем потенцијал, а чешкото знаење и искуство можат да бидат значаен придонес во нашата енергетска трансформација“, истакна министерката Божиновска.

Божиновска го потенцираше и значењето на директното институционално поврзување и економската дипломатија за отворање нови можности за македонските компании и привлекување инвеститори од Чешка.

Соработката меѓу двете земји во економијата и енергетиката веќе има конкретна основа. Во март 2025 година, министерката Божиновска беше копретседавач на Третиот состанок на Мешовитиот комитет за билатерална економска соработка меѓу Македонија и Чешката Република, каде што беа разгледани можностите за унапредување на економската соработка, трговската размена и реализација на проекти од заемен интерес.

Во рамки на оваа соработка, македонската страна во изминатиот период оствари и директни контакти со релевантни чешки енергетски институции и компании, со цел размена на искуства и создавање услови за конкретни партнерства.

На средбата беше заклучено дека енергетската транзиција, сигурноста на снабдувањето и модернизацијата на инфраструктурата се области во кои двете земји имаат заеднички интерес, а постои потенцијал за продлабочување на соработката преку конкретни проекти и вклучување на бизнис-заедниците.

Средбата Божиновска – Мацинка е потврда дека традиционално добрите политички односи меѓу Македонија и Чешка се претвораат во сè посилна економска и енергетска соработка, со фокус на инвестиции, технологии и конкретни резултати.