Македонија и Бугарија се чини се сè подалеку од договор за набавка на евтина струја. Владата сака да купи струја по 200 евра за мегават час што е далеку под берзанската цена која се движи и до 800 евра. Струјата од Бугарија се продава за околу 400 евра. Но и покрај најавите и оптимизмот од Владата во Скопје дека ќе се постигне договор со Софија, тоа не беше потврдено на денешната средба на двајцата претседатели Пендаровски и Радев во Софија. Напротив, Пендаровски потврди дека бугарската страна може да продава исклучиво според берзанските цени.
„Правилото е дека земја-членка на Европската Унија која има вишоци на струја, мора да ги продава на светскиот пазар…“, рече Стево Пендаровски.
Но, постои опција, откако Македонија евентуално би ги купила од Бугарија потребните количини струја и тоа по берзански цени, би можела од Европската унија да побара определена финансиска компензација.
„Има неколку механизми, еден од нив кој е применуван, особено во време на КОВИД-кризата, да се побара од тие т.н. компензациски фондови на ЕУ да се обесштети државата која, евентуално, би морала по светски цени да ги набавува енергентите.“, рече Стево Пендаровски, Претседател.
Пендаровски на средбата денеска со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, прашал дали ако евентуално се постигне ваков договор со Бугарија, Брисел би можел да побрза со давањето компензации за земјава. Таа му одговорила: Ако се запазат процедурите и ако апликацијата е во ред, тоа ќе може да се заврши за неколку недели, а не за неколку месеци.