Братислав ДИМИТРОВ
Таа далечна 1968 година беше како предодредена за секс и смрт. Секој ја искористи својата животна шанса. Мијалче си умре спроти Задушница, наводно, за да не правел додатни арчови. Уште пред првите петли да ја распараат темната наметка на ноќта, ја испуштил душата како пердувче. Во раката држел штотуку гризната, како алтан жолта дуња, со насмевка на човек што завршил голема работа. На натказната до празните шишенца од седативи, оставил проштално писмо со само неколку реда. Нормално, во вакви ситуации човек нема време да се впушта во прустовски описи и разни други литерарни чипки и тантели. Само им се извинил на сите и ја кажал својата последна желба. Да го погребат во пижамите што му ги купила извесна Маринела и во придружба на „Лед цепелин” со рок химната „Stairway to Heaven”.
Така и бидна. Лежи Мијалче оптегнат во своите пижами со сиво-сини линии, кои според проценката на Параскева, идеално се вклопувале со неговото лице и парчето сомот над нашите глави, познато и како небо. И додека ние неутешно плачеме и редиме, поп Стојан додатно се крсти над касетофонот од кој ечат октави, синкопи и рифови над ровката и црна земја. Што ти е судбина. Последните години, Мијалче повеќе бил во пижамите на Маринела отколку во својот живот. Дали беа од порхет, зенана или сатен, никој не може да се заколне во мајка, но најважно е дека беа последните класични пижами видени во Тафталиџе и остатокот на светот. Имаа копчиња, џебови и шлиц, а не како денешниве „модерни” пижами. Да не се искашкани на извесни места, многумина нема да знаат од која страна да ги облечат! Така Мијалче (без да знае) ги удри темелите на една уметничка форма позната како „перформанс” и званично го отвори „клубот 27” во кој подоцна се зачленија Брајан Џонс, Џими Хендрикс, Џенис Џоплин, Џим Морисон и Ејми Вајнхаус. И Кит Ричардс не пукаше од здравје, ама ене го завалијата тера еден живот, мува не го лази.
И тогаш се случи сцена од холивудски филм. Еден пар невидени нозе, во темни најлон чорапи со шав на средината, се доврцкаа на високи штикли до ковчегот на Мијалче. Нивната сопственичка имаше поглед од кој околното зеленило и магла се почувствуваа излишно и бесмислено. Се наведна да го остави букетот бели перуники, доволно долго за да блесне безобразниот шлиц. Но прекратко за да може Параскева да објасни дека „ваквите растураат бракови“. Откако нѐ погледна како да сме статисти во масовна сцена на историски спектакл, со длабок баршунаст и леплив глас му се обрати на Мијалче: „Извини, малку се задржав“.
Е сега, зависи. Тоа малку било три години во Париз без ниту едно писмо, разгледница или дописница. Плус, ненадејно заминување од нашиот Мијалче без поздрав или абер! Толпата не трпи никаква различност. После извесно мрморење и шушукање, донесоа дијагноза. Судејќи според гардеробата и парфемот што нѐ зашемети, госпожата во тоа Паризот сигурно не работела во манастир или детска градинка. А според фацата на Пеце Шиник, беше јасно дека смртта на Мијалче беше само почеток. Кога ја здогледа фаталната Маринела, не одлепи поглед од рељефите на нејзиното тело кое се брануваше како кобила во галоп среде бескрајно поле, под услов да немате ништо против метафори. Пеце зема годишен одмор, се залепи за неа и без прекин се удвараше. Така го доби новиот прекар „крлежијанец“. Многу наши интелектуалци сметаа дека е почитувач на ликот и делото на Мирослав Крлежа!
Маринела отвори салон за масажа, кој покрај званичните и дозволени зони, масирал и (боже ме прости) срамотни места! Но случајот беше брзо заташкан, затоа што и шефот на полицијата е човек и тој се разбира во гради со „вада”. Маринела го потсеќала на Џејн Менсфилд а со неа го поминал цел пубертет, „под јорганче“. Пеце секогаш имаше големи планови во животот. Ја позајми едната од трите веспи во Скопје и со голема брзина кружеше околу салонот на Маринела. Еден ден, додека пичеше со веспата, се загледал во нејзините гаќички што се сушеле на балконот и… Добро, градските власти и така планираа да ја сменат таа бандера а промената на личниот опис во случајот на Пеце многу не се забележа. Плус, неговите нозе после судирот со бандерата некако му се исправија.
Уште не ги извади гипсовите од страдалничко тело, Пеце направи таен договор со еден бадијалџија од Драчево кого го викаа Ганза Смрт, сигурно не од лирски причини. Најмалата тетоважа што ја имаше џукелата беше крокодил во природна големина, а на него изгледаше како гуштерче! За услугата што ќе му ја направи, Пеце беше должен да му ги даде плоча од „Битлси“ и насекаде каде што мрда некакво женско, да зборува каков фраер е Ганза! Ова второво му падна најтешко, но Пеце немаше избор. Во договореното време, ги завземаа позициите. Кога Маринела се појави пред порти, Ганза Смрт ноншалантно и довикна: „Малечка, сакаш да си поиграш со Гулеверчо?” „Со што!?”, го праша Маринела со усните на Ким Бесинџер, а Ганза Смрт покажа на својот шлиц!
Тогаш Маринела му ја залепува најсилната шлаканица во историјата на Холивуд а Ганза ја зграпчува и кобожемски сака да ја силува, но Пеце Шиник со брзина на Гонзалез стига точно на време за да ја одбрани својата неостварена, но сега воодушевена љубов! Сѐ ќе беше во најдобар ред, но Пеце премногу се внесе во својата улога и почна со тоа гипсовите да удира по Ганза како во боксерска вреќа. Ганза стоички ги издржуваше крвничките удари заради убедливост на сцената, но после му пукна филмот и заборави на договорот. После во Градска болница го потрошија целиот гипс на Пеце и така балсамиран му дадоа упут за бањско лечење, нешто во врска со нервите. Ганза длабоко разочаран во човечката природа, емигрира во Вировитица кај некоја Зденка и никогаш не се врати.
Беше 30 гроздобер (септември), ден на Св. Маченички Вера, Надеж, Љубов и мајка им Софија, кога падна и последната грутка земја врз пижамите на Мијалче. Замре и песната „Ѕвездениот пат кон рајот“, а ние по едни калишта се влечкавме накај дома. Во тишина густа и темна како катран, додека едно ветре како воздишка на ранета срна, си играше со нашите залижани фризури. После дознавме дека Маринела, после долго седење на брегот случајно паднала во утробата на реката Вардар!
Долги години подоцна, инспириран од случајот, Арсен Дедиќ ја напиша песната „Прича о Маринели“. Ја пееше како тој да е Мијалче и Пеце, истовремено.
МИА