Братислав ДИМИТРОВ

Оваа приказна се случува во минатиот век, но денес е многу поактуелна. Нема веќе вицеви. Сѐ е вистина. Нѐ бомбардираат со лаги, трачеви, дронови и сѐ што ќе им дојде под рака. Единствениот бог е профитот. Прво произведуваат лекови, а дури после откриваат болести. Не знам дали има официјална истрага, обвинети и осудени, ама сигурен сум дека сите сме соучесници во бруталните убиства на многу скопски места кои беа неодминлива „лектира“ за секој духовен домаќин. Се секираме за кривењето на кулата во Пиза. Сон не нѐ фаќа заради демократските права на Аборџините во Австралија. Лепче во уста не ставаме додека не решиме уште некој светски проблем. Ѕиркањето во туѓи тенџериња, ја даде вековната поговорка: „Незапослен поп, јариња крштева“.
Вчера мерев притисок. Сѐ до тој момент, мислев дека сум симпатичен ама испадна дека сум тахикардичен! Тогаш решив да бидам романтичен. Чувајте ми ја Македонија, додека не се вратам од минатото.

После десетка со кромид и зелено грч пиво, гостинот му се обраќа на келнерот: „Келнер! Може една чепкалка за заби?“ Келнерот љубезно и услужно одговара: „Жалам, зафатена е!“ Тоа беа времиња за енциклопедија. Денес и најголемите злобници мораат да признаат дека традицијата на служење топло пиво и ладна супа создаде основа за интелектуална полемика. Честите расправии со келнерите и упаѓање во кујна кај главниот кувар, беа возможни. Тогаш немаше натовски и европски „секјурити“, „бодигардови“ и „избацивачи“.

Ни мојот ангажман не е за потценување. Често пати пред ручекот и вечерата во некој наш познат наградуван туристички и социјалистички објект, со страст на ловџија сум пробувал да му влезам во трага на соларникот што шеташе од маса на маса, но со променлив успех. Ништо не нѝ беше тешко, затоа што имавме силни нерви. Каде се сега сите тие нерви? Под хитно да се вратат!

Лето. Сабота. Цела фамилија се капе и се чешла. Стара, но закрпена, чиста и испеглана облека. Јас сум во сако, кратки панталони и пластични сандали со бели чорапчиња, барем првите пет минути. Важен сум, со залижан патец на средината. Тато по бричењето ја става на испосеченото лице природната колонска вода „комовица“. Мама на лицето економично си става помада. Елегантно ја префрла на рамото црната лакирана чанта во чија утроба има: штофано марамче, здравствена книшка и по некоја залутана карамела. Сестра ми ги центрира хулахопките и се обидува да облече обувки од кои нема да излезе ниедно прсте. А синот? Синот сум јас! Така сите заедно, се движиме ритуално и весело кон паркот и кафеаната „Кермез“, на ќебапчиња и музика, плус жолта оранжада!

Во тие мигови сѐ е на наша страна. Ѕвездите блескаат само заради нас, за да се чувствуваме свечено. Светулките летаат насекаде за да можат децата да трчаат по нив и откако ќе ги фатат, со плуканка си ги лепат на челата и обравчињата. После на испотените грбчиња нѝ ставаа марамчиња а на издрасканите коленца лута ракија, „за да нѝ дојде памет“. После нѝ дојде. За жал.