Средбите на британската премиерка Тереза Меј со германската канцеларка Ангела Меркел во Берлин, а потоа со претседателот Емануел Макрон во Париз, помина подобро од претходните. Меј најверојатно успеа да добие на време со цел да избегне излез на Велика Британија од ЕУ без договор, јави МИА.
Под кои услови се прифаќа одложувањето? Ако Велика Британија се уште е членка на ЕУ кон крајот на оваа недела, таа ќе мора да учествува на европските избори на 26 мај. И со тоа да испрати 73 британски пратеници во Парламентот во Стразбур истовремено додека земјата се движи кон излез од ЕУ. Всушност за Париз, тоа е проблемот.
– Како ќе биде раководењето со овие пратеници?, се прашува француската страна, која бара гаранции од Мај, пред да размисли за одложување на Брегзит по европските избори.
Тоа е она што Макрон и го изложи на Елисејската палата во вторникот вечерта. Претседателот на Републиката одбива Велика Британија да бара позиции за европски комесари или да влијае врз гласањето за буџетот на Унијата.
За останатото Макрон се држи до линијата утврдена од самиот почеток.
– Ние се согласуваме со одложување на Брегзит, но продолжувањето може да биде само средство за план за кој ни се потребни гаранции. Јасно е дека Тереза Меј мора да го трасира излезот на најчист можен начин. Инаку, тоа ќе биде експресен начин за тврд Брегзит, се наведува во соопштението од Елисејска палата.
Француската линија е построга од таа на Меркел.
– Со Германците, основите се исти: Да се бранат интересите на Европската унија и да не ја направат ЕУ одговорна за неодлучноста на Британците, изјави неименуван соработник на Макрон.
Француската позиција е исто така мотивирана од прашања на домашната политика. За Макрон, кој беше „шампион“ на Европа за време на претседателската кампања од 2017 година, неверојатните пресврти со Брегзит се илустрација за апсурдот на придобивките од Унијата и интересот да се биде и да се остане во неа. Еден противпример може само да биде во полза на популистичките партии низ целиот континент кои напредуваат со евроскептицизмот.
Макрон го очекуваше барањето на Мај и се подготви за тоа. Подготвен да одобри одложување на Брегзит, но со неговите услови.