Германскиот амбасадор при ЕУ утрово повтори дека почетокот на преговорите со Македонија и Албанија се меѓу главните приоритети на претстојното германско претседателство, но посочи и дека „некои земји членки“ најавиле дека изборите ќе влијаат врз нивниот став, јави дописничката на МИА од Брисел.
Амбасадорот Микаел Клаус утрово ја презентираше програмата на германското претседателство кое започнува на први јули и кое веќе неофицијално се нарекува „Претседателство Корона“, јасна најава дека и во следните шест месеци во ЕУ ќе доминира кризата од Ковид-19 и нејзините последици.
Германија ќе продолжи да инсистира на важноста на проширувањето за Европската Унија, во овој контекст отворањето на преговорите со Албанија и Македонија се клучен фактор за политиката на проширување, повтори Клаус. Но, тој предупреди дека не треба да се очекува одлука на политичко ниво овој месец. Изборите во Македонија исто така ќе имаат своја улога.
-Треба да ги видиме ставовите на земјите членки, не можам да кажувам имиња, но кога прашувате за изборите во С. Македонија, дали ќе влијаат или не, слушаме од некои земји членки дека тие ќе влијаат врз нивната одлука, кога потоа ќе биде предмет на преговори во Советот, изјави Клаус за МИА.
Во однос на роковите, Европската Комисија треба идната недела да ги објави преговарачките рамки за Скопје и Тирана, овој документ потоа ќе биде разгледан на ниво на работната група во Советот (позната како КОВЕБ), потоа ќе премине на масата на амбасадорите на земјите членки, каде се очекуваат најсуштински преговори. Ова не остава време за министрите на јунскиот Совет за општи работи да донесат одлука. Притоа, на јунскиот министерски состанок се очекува да доминира коронавирусот и преговорите за седумгодишниот буџет на ЕУ. Тема која е исто така важна за земјите од западниот Балкан, бидејќи од неа ќе зависи и обемот на економската поддршка што ја планира Европската Комисија.
Доколку се постигне консензус на амбасадорско ниво, можно е одлука за датум за почеток на преговорите и отворањето на првите поглавја да се донесе ова лето, велат дипломатски извори во Брисел за МИА. Германското претседателство, повтори амбасадорот Клаус, не се откажува од формален старт на преговорите до крајот на оваа година, најверојатно наесен.
-Имаме договор за преговорите со С. Македонија и Албанија, ова ќе биде една од важните теми на германското претседателство и очекувам тоа да се случи наесен, рече Клаус.
Истата порака вчера ја испрати и министерот за Европа на Германија, Микаел Рот, кој изрази жалење што на одредени „угледни“ земји членки на ЕУ им требаше толку време да постигнат консензус за отворањето на преговорите со Скопје и Тирана, алудирајќи на тензиите помеѓу ЕУ членките минатата есен, кога Франција ја блокираше одлуката.
За да се успокојат Французите, Европската Комисија изготви нова преговарачка методологија, која доби поддршка од сите 27 земји на Унијата.
-Западниот Балкан останува стратешки приоритет за нас, проширувањето е важно и од геополитички причини, гледаме дека странски актери се обидуваат да добијат на влијание во регионот, како Русија, Кина и Турција, и ова треба да го имаме на ум, рече Клаус.