Европската комисија денеска ги оцени како „неприфатливи наводните сомневања и инсинуации” кои се најдоа во една статија во францускиот дневен весник „Либерасион“ за самоубиството на еден висок официјален претставник на Комисијата, јави дописникот на МИА.
Во текст насловен „Селмајргејт. Конфликт на интереси, лаги… и самоубиство“, весникот укажува на можна врска меѓу самоубиството во 2018 година на еден висок функционер на ЕУ и контроверзното именување на Генералниот секретар на ЕК, Мартин Селмајр. На крајот од статијата, весникот, сепак, наведува дека високата функционерка била во конфликт со нејзиниот сопруг пред нејзината смрт.
Дописникот на „Либерасион“ од Брисел, Жан Катрмер, еден од најдобрите познавачи на кулисите на ЕУ во Брисел, врз основа на анонимни сведоштва, пишува дека жената била под притисок од страна на Селмајр, кој ја назначил на оваа функција, и дека тој ја принудил да направи „нелегално назначување”.
– Европската комисија ја отфрла содржината на статијата. Таа се заснова на целосно погрешни изјави и анонимни извори. Ова се неприфатливи обвинувања кои немаат никаква врска со реалноста за она што е многу тажна, лична приказна. Треба да се има почит кон жртвата и нејзиното семејство, изјави портпаролот на институцијата Маргаритис Шинас.